РСЕ: Унгарија и Словачка вршат притисок врз Брисел за списокот на санкции против Русија
Унгарија и Словачка повторно бараат од Европската Унија да ги укине замрзнувањата на средства и забраните за виза за шест руски бизнисмени, со цел да се обезбеди продолжување на индивидуалниот санкциски режим на Унијата кон Кремљ, кој е во сила повеќе од три години, по целосната инвазија на Русија во Украина, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Санкциите, кои сега опфаќаат над 2.600 лица и компании по 18 рунди на рестриктивни мерки на ЕУ, мора да се продолжуваат едногласно на секои шест месеци, обично во средината на март и средината на септември.
На списокот се наоѓаат личности како рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, како и неколку олигарси и бизнисмени обвинети дека ги финансирале или имаат корист од воените напори на Русија.
Во Брисел, како што посочува РСЕ, станува редовна пракса Унгарија, а потоа и Словачка, да го користат своето вето за да добијат отстранување на дел од најпознатите имиња од списокот. Двете централноевропски земји имаат блиски политички врски со Кремљ и тврдат дека санкциите на ЕУ повеќе ја погодиле европската економија отколку Русија.
Во март, рускиот бизнисмен Вјачеслав Моше Кантор, рускиот министер за спорт Михаил Дегтјаров и Гулбахор Исмаилова, сестрата на милијардерот Алишер Усманов, беа отстранети од „црната листа“ по недели дипломатски преговори меѓу европските официјални лица.
Лани, на сличен начин беа отстранети Аркади Волож, ко-основач на рускиот интернет гигант „Јандекс“, рускиот бизнисмен Сергеј Мндоjанц, Словакот Јозеф Хамбалек, раководител на рускиот националистички клуб за мотоциклисти „Ноќни Волци“ во Европа, и Виолета Пригожина, мајка на починатиот руски бизнисмен и водач на „Вагнер“ Јевгениј Пригожин.
Според неколку дипломати од ЕУ, кои побарале анонимност, Словачка сега сака да ги отстрани Усманов и бизнисменот Михаил Фридман. Покрај овие две лица, Унгарија инсистира и на отстранување на олигарсите Дмитриј Мазепин, Петар Авен, Муса Бажаев и Алберт Авдолјан.
Повеќето од овие имиња претходно биле предложени за отстранување во минатите рунди на санкции, освен Авдолјан, кој беше санкциониран од Брисел во февруари оваа година.
Другите земји членки на ЕУ предложија алтернатива: да се отстранат само еден или два „слаби случаи“, односно лица кои најверојатно би биле отстранети, бидејќи санкциите против нив се засновани на слаби докази кои не би издржале судска проверка. Исто така, тие предлагаат санкциите да се продолжуваат на секои 12 месеци, наместо сегашните шест.
Братислава и Будимпешта го одбија овој предлог на пониско ниво на дискусии во Брисел, а преговорите денеска ќе се пренесат на амбасадорите на ЕУ, иако, според РСЕ, не се очекува договор.
МИА
Ново на Сител
-
МНР на БиХ денеска му го поништи дипломатскиот пасош на Додик
-
Пожар во барака на ЦУК во Куманово
-
Кривична за 18-годишен скопјанец осомничен за „убиство во обид“
-
Тошковски: Граѓаните заслужуваат полиција која ќе се грижи за нивната безбедност и благосостојба, ослободена од политички и други влијанија
-
Сиљановска Давкова за Кривичниот законик: Мора да се пополнуваат правните празнини и да се научат лекциите
-
Илјадници фалсификувани кукли Лабубу запленети во Велика Британија поради безбедносни ризици
-
Руте: Очекувам во Париз утре да се разјасни какви гаранции можеме да и обезбедиме на Украина
-
РСЕ: Унгарија и Словачка вршат притисок врз Брисел за списокот на санкции против Русија