Рубио најави нови санкции против Куба и кубанскиот воено-индустриски сектор

Американскиот државен секретар Марко Рубио синоќа најави нови санкции против кубанска воено-индустриска компанија и државна компанија за природни ресурси, засилувајќи го притисокот врз кубанското раководство преку таргетирање на изворите на странски инвестиции.
Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела потпиша извршна наредба со која се прошируваат американските санкции против Куба. Според наредбата, администрацијата на Трамп го таргетира „Групо де администрасион емпресаријал С.А.“ (GAESA), воен конгломерат за кој американските власти тврдат дека контролира најмалку 40 проценти од кубанската економија, како и неговата извршна претседателка Анија Гиљермина Ластрес Морера.
Мерките се насочени и кон „Моа никел СА“, заеднички проект на компанијата „Шерит интернешнл корп“ (Sherritt International Corp), со седиште во Торонто, и кубанската државна компанија за никел, која ископува никел и кобалт. Администрацијата на Трамп, исто така, остро ги ограничи патувањата и дознаките од САД кон островот и почна кампања за одвраќање на регионалните сојузници од ангажирање кубански лекари – долгогодишна програма што Куба ја промовира како чин на солидарност, но која воедно претставува и главен извор на девизни приходи.
„Денешните санкции покажуваат дека администрацијата на претседателот Трамп нема да стои настрана додека комунистичкиот режим во Куба ја загрозува нашата национална безбедност“, објави Рубио на мрежата Икс. „Ќе продолжиме да преземаме мерки сè додека режимот не ги спроведе сите неопходни политички и економски реформи“, додаде тој.
САД со децении бараат од Куба да ја отвори својата државно контролирана економија, да исплати обештетување за имотот конфискуван од владата на поранешниот лидер Фидел Кастро и да одржи слободни и фер избори. Куба, пак, соопшти дека нејзиниот социјалистички систем на владеење не е предмет на преговори. Високи кубански претставници го обвинуваат Вашингтон дека „навестува воена акција“ за да ја „ослободи“ Куба и велат дека децениските американски санкции се главната причина за економските и општествените проблеми на островот.
МИА
Ново на Сител
-

Најсвежо на Попова Шапка, најтопло во Гевгелија
-

Трамп го пофали кинескиот претседател како „голем лидер“, рече дека му е чест што го има за свој пријател
-

Сиљановска-Давкова ја обновува практиката на отворени канцеларии на Претседателот
-

Бројот на странски туристи до март годинава зголемен за 6.9 %
-

Поранешниот венецуелански лидер Николас Мадуро затворската ќелија во САД ја дели со уште 18 затвореници
-

Еден загинат и најмалку 30 лица повредени во руски напад на Киев
-

Без струја улици во Гази Баба и Ѓорче Петров
-

Променливо облачно, попладне со локален дожд и грмежи
