Русија го нападна родното место на Зеленски – Убиени најмалку 16 луѓе
Бројот на загинати во вчерашниот руски напад врз трговски центар во градот Кривји Рог се искачи на 16, а над 130 лица се повредени, меѓу кои и деца, информираа украинските власти.
Претседателот Зеленски изјави дека две беспилотни летала го погодиле трговскиот центар во два брана. Вториот напад се случил околу половина час по првиот напад насочен кон службите за итни интервенции, рече Зеленски, додавајќи дека украинските воздухопловни сили возвратиле со напади врз руска рафинерија и воздухопловна база.
Нема официјален одговор од руска страна во врска со нападот во Кривји Рог, родниот град на Зеленски. Министерството за одбрана на Русија само извести дека нападнале воени цели во близина на Киев рано утрово, непосредно пред министерот за надворешни работи на Германија Јохан Вадефул да пристигне во главниот град на Украина. На средбата со Вадефул, шефот на украинската дипломатија, истакна дека нереално да се стави крај на војната во Украина без водство и ангажман на САД и претседателот Трамп.
- Ни треба поактивно вклучување од американската страна. Го поздравуваме таквото вклучување. Го поздравуваме лидерството што го покажа американската страна. На крајот на краиштата, без Американците, без САД, нереално е да се постигне напредок и праведен мир во оваа ситуација. И новата, активна политичка и дипломатска сезона мора да се фокусира, пред сè, на тоа како можеме да ја завршиме оваа војна. Постои една, и практично единствена, пречка за ова: Путин. На бојното поле нема знаци дека руската страна е подготвена за сериозен процес на преговори. Напротив, тие го засилија својот терор, изјави Андриј Сибиха, министер за надворешни работи на Украина.
Војната во Украина тема и на конгресот на руската владејачка партија Единствена Русија во Мокска на кој учестува и Путин. Во своето обраќање, шефот на Кремљ повика на национално единство.
- Специјалната воена операција продолжува. И колку е потешка ситуацијата на фронтот за непријателот, толку се побрутални и варварски нападите што ги извршува режимот во Киев. Сега, многу зависи од нашето единство, од храброста на руските војници и офицери, од секој што работи совесно на свое место за да придонесе за победата. Уверен сум дека нашите војници нема да нè разочараат.
-
Емилија Штерјов
Сите содржини од овој новинар
