Руте греши во врска со европската одбрана, сметаат аналитичарите Девеса и Алесандри

Гледиштето на генералниот секретар на НАТО, Марк Руте за европската одбрана следи позната, но сè понеодржлива логика и наместо таков став тој треба да промовира поизбалансирана Алијанса со силен европски столб, а не да го поткопува.
Ова во заеднички текст во бриселскиот портал „Политико“ го наведуваат поранешниот европратеник и виш истражувач во Центарот за меѓународни работи од Барселона, Доменек Руиз Девеса и истражувачот во Австрискиот институт за меѓународни работи, Емилијано Алесандри.
– Кога генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, пред Европскиот парламент изјави дека континентот не може да се одбрани без САД и дека оние кои мислат поинаку може само „да продолжат да сонуваат“, тој не само што ја опиша воената зависност на Европа, туку и таа зависност ја претвори во политичка доктрина. Тој се позиционираше не толку како шеф на сојуз на потенцијални рамноправни партнери, туку како портпарол на идејата за стратешка отстапка на Европа, се наведува во текстот.
Според неговите автори, гледиштето на Руте за европската одбрана следи позната, но сè понеодржлива логика дека нуклеарното одвраќање е еднакво на заштита од САД и дека заштитата од САД е еднаква на европска безбедност, па затоа европскиот стратешки суверенитет е илузија.
– Но, ваквото размислување е многу покревко отколку што звучи. Иако целокупната стратешка стабилност на Европа зависи од нуклеарното одвраќање, повеќето безбедносни предизвици во реалниот свет во евроатлантскиот простор, од хибридни операции, до ограничени конвенционални сценарија, се развиваат и ќе продолжат да се развиваат далеку под нуклеарниот праг. Ова е нешто што го признава и НАТО во сопствениот став за одвраќање, па преценувањето на нуклеарната димензија, ризикува да ја превиди одлучувачката важност на конвенционалната маса, отпорноста, логистиката, висококвалитетното разузнавање, противвоздушната одбрана и индустриската длабочина, области каде што Европа е слаба по политички избор, сметаат Девеса и Алесандри.
Според нив, повеќе не е табу и иако политички сложена, станува стратешки замислива и идејата за улогата на Франција и Велика Британија во нуклеарното одвраќање во европската рамка.
– Шефот на НАТО премногу избрза со отфрлањето на сè поприфатената идеја за „европски столб“ во рамките на НАТО. Секако, оваа додадена вредност на ЕУ, во моментов најдобро се илустрира во создавањето на поинтегриран и подинамичен европски пазар на одбрана, кој Европската комисија активно го поттикнува. Но, Руте ги потценува постојните европски воени капацитети, сметаат авторите.
Тие потсетуваат дека европските земји веќе колективно распоредуваат напредни воздухопловни сили, подморници од светска класа, значајна поморска моќ, најсовремени противракетни и противвоздушни одбранбени системи, кибер експертиза, вселенски средства и една од најголемите одбранбено-индустриски бази во светот, а значително ги проширија и своите разузнавачки капацитети.
– Затоа, проблемот не е толку недостигот, туку националната и индустриската фрагментација, заедно со ризикот од технолошка стагнација и недоволно инвестирање во клучни сектори, како што се производството на муниција, воената мобилност, разузнавањето, надзорот и извидувањето, сателитите, полнењето гориво воздух-воздух и интегрираните командни структури, се наведува во анализата.
Девеса и Алесандри, сметаат и дека пораката на Руте во ЕП е зачудувачки несинхронизирана со Вашингтон.
– Претседателите на САД долго време бараа Европа да преземе многу поголема одговорност за сопствената одбрана, а во својот втор мандат, американскиот претседател Доналд Трамп ја донесе оваа порака на нови височини, од споделување на товарот до префрлање на товарот. Но, да ѝ се каже на Европа дека мора да се грижи за себе, под услов да продолжи да купува оружје произведено во САД, и дека никогаш навистина не може да успее, не е стратешка јасност, туку е когнитивна дисонанција, се додава во текстот.
Во него се нагласува дека Европа повеќе не може да ја игнорира политичката реалност и без разлика на тоа што некој може да мисли за Трамп и неговата „револуционерна политика, насоката на движење во надворешната политика на САД е непогрешлива: Европа повеќе не е приоритет, туку центарот на стратешката гравитација на САД сега лежи во Индо-Пацификот, а доминацијата на САД во западната хемисфера е повисоко рангирана од одбраната на Европа“.
– Во овој мутиран контекст, ставањето на сите безбедносни јајца на Европа во кошницата на САД не е разумно. Сепак, ништо од ова не значи дека Европа го напушта НАТО или активно ги прекинува трансатлантските врски. Напротив, тоа значи признавање дека сојузите меѓу еднакви се посилни од оние изградени врз зависност. Европа која може воено, индустриски и политички да се потпре на себе претставува покредибилен и вреден сојузник. А 80-годишниот трансатлантски сојуз ќе опстои само ако САД и Европа постигнат нов договор. Значи, додека трансатлантските сојузници се борат со помалку едноставно усогласување на интересите и вредностите, Руте треба да промовира поизбалансирано НАТО со силен европски столб, а не да го поткопува, заклучуваат Девеса и Алесандри.
МИА
Ново на Сител
-

Камбовски: Судски совет разгледува предмети во кои постапувал апелацискиот судија Ѓоко Ристов
-

Сиљановска-Давкова на World Governments Summit 2026 во Дубаи - глобална платформа за дијалог, идеи и визии за иднината на управувањето
-

Дурмиши: Ќе поддржиме се што ќе договорат синдикатите и работодавачите за минималната плата
-

Песков: Русија нема добиено официјален став од Индија дека одбива да ѝ се испорачува руска нафта
-

Осумнаесет лица затруени со јаглерод моноксид во ресторан во италијанскиот град Варезе
-

Угостителите побарале пролонгирање на Законот против пушењето, идната недела средба со Дурмиши и Алиу
-

УЈП: Започна исплатата на МојДДВ за четвртото тримесечје од 2025 година
-

Претрес во дом на млад кавадарчанец, одземени предмети под сомнеж дека се од кражби
