Руте: НАТО не е вклучен во последните случувања на Блискиот Исток, но ќе го одбрани секој дел од својата територија

Генералниот сектетар на НАТО, кој е во посета на земјава, на заедничката прес-конференција со претседателката Гордана Сиљановска Давкова нагласи дека Алијансата не е директно вклучена во последните случувања на Блискиот Исток, но напомена дека НАТО ќе го одбрани секој дел од територијата на земјите-членки.
Нашите воени команданти секојдневно работат на ова и имаат пристап од 360 степени земајќи ја предвид секоја закана, нагласи Руте одговарајќи на новинарско прашање за тоа каква е позицијата на НАТО по последните случувања на Блискиот Исток и каков може да биде одговорот на Алијансата доколку дојде до ескалација на состојбата.
-НАТО не е вклучен, но да бидеме јасни што се случува. Иран има капацитети за користење на проектили, што е опасност не само за регионот на Блискиот Исток, туку е опасност и за нас во Европа. Знаеме дека Иран е извезувач на хаос и тоа го прави со децении преку терористички напади, обиди за атентати. Можам да ви кажам од моето лично искуство дека многу лица се во опасност од иранскиот режим. И зборувам тука за режимот, не за луѓето, но НАТО не е вклучен. Можам да ве уверам дека НАТО ќе го одбрани секој дел од својата територија. Нашите воени команданти секојдневно работат на ова и имаат пристап од 360 степени земајќи ја предвид секоја закана, нагласи Руте.
Тој истакна дека тоа што треба да се земе предвид е дека кампањата на САД и Израл е насочена кон нуклеарните капацитети на Иран и додаде дека иранскиот духовен лидер, Али Хамнеи, кој беше убиен во американско-израелските воздушни напади е потенцијално одговорен за 10.000 смртни случаи, поради иранскиот режим, против кој, луѓето протестираат.
-Затоа мислам дека сите сме во подобра ситуација со тоа што тој веќе не е тука, како и со намалувањето на нуклеарните капацитети во моментот, рече Руте.
Во врска со тоа дали во НАТО постои единство за случувањата, Руте напомена дека ова е кампања што ја води САД и Израел, но многу сојузници даваат поддршка, што не е дел од кампањата, туку повеќе логистика.
-И тоа што го гледаме е дека многу сојузници даваат значајна поддршка, што не е дел од кампањата, туку во однос на пристап, логистика. На пример во Шпанија веќе 10 години се бранат интересите. Сето ова се примери за тоа како НАТО колективно, но секако и поединечните сојузници ја користат можноста да ги стават базите на располагање. Разговарав со многу лидери за време на викендот и оваа измината недела и чувствувам дека отстранувањето на нуклеарните капацитети и балистичките проектили и исто така Хамнеи е нешто што е поддржано од сите мои колеги во НАТО, рече Руте.
Сиљановска-Давкова нагласи дека посетата на Руте е јасен знак дека НАТО е со нас и потсети дека и во самиот говор тој посочил дека НАТО ќе ги брани сите негови членки доколку се најдат во положба да бидат нападнати.
Одговарајќи на новинарско прашање дали Македонија доколку НАТО во иднина интервенира каде било на Блискиот Исток би го поддржала тоа, таа истакна дека каков било разговор за активности на Алијансата не може да се води само со изјава на еден претставник на земја на НАТО, туку во рамките на самата Алијанса.
-Јас не би можела да ви одговорам што ќе се случи ако НАТО интервенира во регионот каде што сега се водат војните, бидејќи знаеме дека НАТО ја штити територијата на своите членки. Значи било каков разговор за активности на НАТО не може да се води само со изјава на еден претставник на земја на НАТО, туку во рамките на НАТО сојузот заедно и веројатно сите чекори на НАТО врзани за активностите ќе бидат утврдени по заедничка расправа за нив, рече таа.
Сиљановска-Давкова и Руте на заедничката прес-конференција нагласија дека денешните сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети.
-Се соочуваме со глобална неизвесност, со геополитички тензии, со војна на европско тло, со сајбер закани, со хибридни закани, со закани од ширење на дезинформации и затоа мислам дека посетата на генералниот секретар Руте, којашто за жал коинцидира со време на сериозни безбедносни предизвици, мислам на галопирачките воени дејствија на Блискиот Исток и Персискиот Залив, за нас, за мене е јасна потврда за важноста на сојузничката солидарност и на заедничката одговорност, истакна Сиљановска Давкова.
Таа истакна дека овие сложени безбедносни околности бараат будност, подготвеност, јакнење на активностите на инструментите за рано предупредување, како и посилни и одржливи инвестиции во одбранбените капацитети.
-Во овој момент, затоа е господинот Руте тука и му посакувам и верувам дека тоа може да го направи, неопходно е во рамките на НАТО алијансата да се надминуваат разликите или да се усогласуваат разликите за да се обезбеди кохезија врз основа на заедничките вредности и принципи врз кои е втемелено НАТО. Токму заради тоа, повторувам, улогата на генералниот секретар е особено важна, рече претседателката.
Сиљановска-Давкова истакна дека НАТО не е само воен сојуз, туку дека е и заедница на споделени вредности, на споделена одговорност, но и што е најважно, вели, на заедничка визија за безбедна иднина и оти земјава продолжува да биде одговорна членка на алијансата.
- Како кредибилен сојузник, ние го спроведуваме планот за инвестиции во одбраната, вклучително и заклучокот од самитот во Хаг за издвојување одреден процент од бруто општествениот производ за одбрана до 2035-тата година. Исто така, ги исполнуваме и целите за способностите. Потенцирам, не се во прашање проценти, 2 отсто, 5 отсто и бројки, туку инвестиција во заедничката одбрана и безбедност. Ние го исполнивме условот од Самитот во Велс од 2 отсто од бруто општествениот производ за одбрана. Денеска тука беше и тука е министерот за одбрана и да, од нив над 30 отсто се наменети за опрема и модернизација и модернизацијата продолжува, рече таа.
Таа нагласи дека активно придонесуваме кон одвраќањето и кон одбраната, значи кон одвраќањето на опасноста и кон заштита на позицијата на НАТО, преку борбените групи во Летонија, во Бугарија, во Романија, мисијата на КФОР во Косово, мисијата на ЕУ Алтеа во Босна и Херцеговина.
-Со тоа јасно демонстрираме дека безбедноста е заедничка одговорност. Во однос на Украина, ќе продолжиме со поддршката, со верба за можен договор за праведен и траен мир. Јас верував и се уште верувам дека најголема гаранција за мирот и безбедноста на Западен Балкан и за трајна отпорност на влијание од трети сили, тоа му го пренесов и на генералниот секретар, е неговата итна и целосна политичка интеграција во Европската Унија. Очекувам на претстојниот самит на НАТО во 2026 година во Анкара, годинава, особено внимание да биде посветено на безбедносната состојба на Западен Балкан со оглед на актуелните настани и предизвици, рече таа.
Претседателката укажа дека, како што вели, мора да се стави крај на вештачките причини и на причини од историски и идентитетски карактер за оневозможување на регионалното членство во ЕУ и да се концентрираме на Копенхашките критериуми.
-Одговорно тврдам на крајот дека најголемата инвестиција и гаранција не само за нашата безбедност, туку и за безбедноста на Европа во целина е нашето членство и членството на Западен Балкан во Европската Унија, заклучи Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференција со Руте.
Марк Руте нагласи дека Северна Македонија е верен сојузник на НАТО и придонесува за безбедноста на источната страна на алијансата.
-Северна Македонија дава повеќе од 2 проценти за одбраната од својот БДП, ова е огромен напредок и земјата дава свои заложби за да се постигне до 5 проценти како што беше ветено. Мораме да ги зголемиме придонесите кон одбраната и целосно да ги опремиме активностите на НАТО. Сакам да ја поздравам поддршката на Северна Македонија за Украина, рече Руте.
Тој потенцира дека сега не е период да седиме мирно, и оти сите сојузници мора повеќе да направат, мораме, рече Руте, да ги зголемиме придонесите кон одбраната и ова е клучно да ги постигнеме нашите цели и целосно да ги опремиме активностите на НАТО, а резултатот е поголема безбедност, поголем економски раст и повеќе работни места.
-Исто така сакам да ја пофалам поддршката на Северна Македонија за Украина, вклучувајќи ги вашите придонеси кон нашата команда во Германија што дава безбедносна помош и обуки за Украина и кон нашата иницијатива што дава помош која што е потребна. Мораме ова да го продолжиме за да може да се одбранат нашите сојузници од сите страни и да се одржи мирот кога ќе прекине нападот и да се спречи секоја идна агресија од Русија. Од вашата источна страна, од вашето соседство, јасно е дека мора да соработуваме за да ја поддржиме нашата заедничка безбедност и тука Северна Македонија игра значајна улога во заштитување на безбедноста на Западен Балкан, регион од стратешко значење за нашиот сојуз, истакна тој.
Посочи дека посветеноста на НАТО кон регионалната стабилност е постојана, нема да дозволиме да се појави безбедносен вакуум.
- Северна Македонија долго време ги поддржува нашите мисии на КФОР во Косово и за тоа ви благодарам. КФОР продолжува да игра клучна улога во поддршката на долготрајниот мир за корист на сите луѓе што живеат во Косово. Ќе продолжиме да се осигураме дека КФОР ќе остане таков каков што е потребен да ги исполни своите цели. НАТО се посветува кон заштита на сите свои сојузници од каде и да доаѓаат предизвиците. Само за четири месеци следи нашиот самит во Анкара и таму мора да можеме да покажеме дека сојузниците постигнуваат опиплив придонес кон зголемување на одбраната и да ја поддржиме нашата поддршка кон Украина. Знам дека можеме да сметаме на Северна Македонија да го одигра својот дел, заклучина заедничката прес-конференција Руте кој е во официјална посета на земјава.
Ново на Сител
-

Експерти: Посетата на Руте, потврда за улогата на Македонија во НАТО
-

Тема на денот со Милан Стефаноски, воено-безбедносен аналитичар
-

Тутунарите не се задоволни од понудените откупни цени за годинашнава реколта
-

СЗДМ бара инсулински пумпи за повеќе лица со дијабетес тип 1
-

Два часа пред трагедијата, полицијата не го уапсила сопругот бидејќи немало траги на насилство
-

Сè повеќе семејно насилство во Македонија
-

Есхумирана уште една жена, по судска наредба осомничениот сериски убиец испратен на психијатриско вештачење
-

Полицајците кои го контролирале „Пулс“, негираа вина
