Сад и Израел го нападнаа Иран
САД и Израел го нападнаа Иран. Техеран утрово се разбуди со експлозии. Погодени биле неколку локации, во близина на центарот на градот, каде што се сместени владини институции, вклучително и резиденцијата на врховниот лидер, ајатолахот Али Хамнеи. Во моментот тој не бил таму. Експлозии се слушнале и во повеќе други градови низ земјата. Погодено било основно училиште за девојчиња во Минаб, при што загинале 60 ученички, а над 80 биле повредени.
Пентагон ги нарече американските борбени операции „Операција Епски бес“.
Американскиот претседател Трамп, вели дека целта е уништување на иранските ракети и нивната морнарица.
- Вооружените сили на Соединетите Држави спроведуваат масивна и тековна операција за да ја спречат оваа многу злобна, радикална диктатура да ѝ се заканува на Америка и на нашите клучни национални безбедносни интереси. Ќе ги уништиме нивните ракети и ќе ја срамниме со земја нивната ракетна индустрија. Таа ќе биде целосно, повторувам, избришана – рече тој.
Трамп им рече на членовите на Исламската револуционерна гарда да го положат оружјето. Вети дека ќе им даде имунитет. Ако не го сторат тоа, вели дека другата опција е „сигурна смрт“. Му се обрати и на иранскиот народ.
- Часот на вашата слобода е близу. Останете засолнети. Не излегувајте од дома. Надвор е многу опасно. Бомби ќе паѓаат насекаде. Кога ќе завршиме, преземете ја вашата влада. Таа ќе биде ваша да ја преземете. Ова веројатно ќе биде вашата единствена шанса во генерации – изјави Трамп.
Порака за Иранците испрати и израелскиот премиер Нетанјаху.
- Заедно со Соединетите Држави ќе го погодиме терористичкиот режим силно. Ќе создадеме услови што ќе му овозможат на храбриот ирански народ да се ослободи од товарот на овој убиствен режим. Ова е вашата шанса да воспоставите нов и слободен Иран. Земете ја вашата судбина во свои раце – кажа Нетанјаху.
Израел прогласи вонредна состојба во сите области. Училиштата се затворени, а јавните собири се забранети.
Иран почна одмзда. Истовремено се извршени повеќе ракетни напади врз четири американски бази. Се работи за воздухопловните бази во Катар, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, како и базата на Петтата флота на американската морнарица во Бахреин.
На социјалните мрежи кружи видео од моментот кога ракета паѓа во близина на група луѓе на улица во Катар.
Најмалку пет експлозии одекнале во Дубаи. Засега е нејасно дали детонациите се резултат на напад или од пресретнување на ракети од страна на системот за воздушна одбрана. Дубаи е туристички центар и не е седиште на никакви познати американски воени објекти.
Четири лица загинале во Сирија, откако иранска ракета погодила зграда на југот од земјата.
Интернетот во Иран е целосно прекинат, па единствениот начин граѓаните да дојдат до информација се вестите на државната телевизија.
- Според информациите добиени од овие два корумпирани режими, нивните операции во Техеран и во некои други градови ќе продолжат. Затоа, колку што е можно повеќе, со задржување на смиреност, патувајте во други центри и градови за да останете безбедни од злото на овие два режима. Вооружените сили на Исламската Република Иран започнаа силен, разорен одговор на нивните злобни дејствија – прочита водителка на државната телевизија.
Најновите случувања низ Блискиот Исток се опасни, оцени високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика.
- Режимот на Иран убил илјадници луѓе. Неговите балистички ракети и нуклеарни програми, заедно со поддршката за терористички групи, претставуваат сериозна закана за глобалната безбедност. Европската Унија усвои силни санкции против Иран и ја поддржа дипломатската соработка, вклучително и по прашањето на нуклеарната програма – напиша Калас.
Додава дека ЕУ со арапските партнери бара дипломатски решенија.
Францускиот претседател Макрон побара итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации уште за денеска. Предупредува дека војната ќе има сериозни последици за меѓународниот мир и безбедност.
Русија, пак, повика на итно запирање на нападите врз Иран.
- Вашингтон и Тел Авив повторно се впуштија во опасна авантура што брзо го приближува регионот до хуманитарна, економска, а можеби и радиолошка катастрофа – кажа портпаролката на руското МНР, Марија Захарова.
Меѓународниот аеродром во Дубаи, кој важи за најпрометен во светот, ги суспендираше сите летови на неодредено време.
Глобалните авиокомпании ги откажаа летовите низ Блискиот Исток. Воздушниот простор над Иран, Ирак, Кувајт, Обединетите Арапски Емирати, Либан, Бахреин и Јордан e празен.
Нападите следуваат по најавите за нова рунда разговори во Женева со посредство на Оман.
САД веруваат дека Иран се стреми кон развој на нуклеарно оружје и бараат целосно запирање на процесот на збогатување ураниум, кој може да се користи и за цивилни, но и за воени цели.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
