САД потрошиле 48,3 милијарди долари за војната во Иран, не се пресметани штетите врз базите

Трошоците на САД за војната во Иран достигнале околу 48,3 милијарди долари заклучно со 13 ноември, но во сумата не се вклучени штетите предизвикани од иранските напади врз американските воени бази на Блискиот Исток, поради што сенатори побараа од Пентагон да ги објави и тие податоци.
Претставникот на Пентагон задолжен за буџетските прашања, Артур Милер, синоќа ја презентираше најновата вкупна процена на воените трошоци пред Комисијата за вооружените сили на Сенатот, која го разгледува неговото именување за финансиски контролор на Воената морнарица на САД. Проценетите 48,3 милијарди долари ги опфаќаат трошоците за воените операции, како и за замена на опремата и потрошената муниција.
Демократскиот сенатор, Ричард Блументал од Конектикат, побара од Милер да даде процена и за штетите врз американските воени објекти, но тој одговори дека не располага со такви податоци. Претседателот на комисијата, републиканскиот сенатор Роџер Викер од Мисисипи, му наложи на Милер да се обиде да обезбеди одговор во најкус можен рок.
Според проценките на светските аганции, Иран во нападите погодил хангари за авиони, системи за рано предупредување од ракетни напади, складишта, сместувачки капацитети за воениот персонал и други американски објекти во регионот, предизвикувајќи штета на опрема чија вредност се проценува на милијарди долари.
Трошоците за војната станаа една од спорните теми во американскиот Конгрес, а дебатата дополнително се заострува во услови кога администрацијата на претседателот Доналд Трамп бара од законодавците да усвојат одбранбен буџет од 1,5 трилиони долари.
Непопуларноста на војната и нејзините економски последици придонесоа за големите изборни загуби на републиканците на меѓуизборите. Финансиските спорови околу конфликтот се очекува дополнително да се интензивираат откако демократите во јануари ќе ја преземат контролата врз Конгресот, во преостанатиот дел од мандатот на Трамп.
Пентагон во меѓувреме се соочува со сè посилни барања од демократите да ги објави процените за штетите што иранските напади ги предизвикале врз американските воени бази на Блискиот Исток.
Демократската сенаторка ,Елизабет Ворен од Масачусетс, повикувајќи се на независни процени и медиумски извештаи, изјави дека американската поморска блокада на иранскиот поморски сообраќај чини околу 32,5 милиони долари дневно, додека штетата предизвикана од иранскиот напад врз регионалниот штаб на американската воена морнарица во Бахреин изнесува најмалку 400 милиони долари.
МИА
Ново на Сител
-

Малезија ќе пресели десет илјади бегалци Рохинџи во Турција
-

Герасимовски: Целосно реконструирано детското игралиште зад Универзална сала, поставени тобогани, реквизити и урбана опрема
-

Ф1: Расел најбрз на слободниот тренинг пред ГН на Лас Вегас
-

Левандовски, Гризман и Емболо меѓу петте најплатени фудбалери во МЛС
-

Силен руски ракетен напад врз мостовите во Киев, тројца загинати
-

Лафчиски на состанок на началниците на генералштабовите на земјите членки на Иницијативата за соработка во одбраната
-

МВР: Апел до родителите и јавноста - препознајте ја опасноста од групата „764“ – заштитете ги децата!
-

Десет години по Брегзит, ЕУ и Велика Британија се обидуваат да ги подобрат односите
