Македонија
18. July 2026 - 19:42

Саем за туризам во Крушево - Адреналински парк, спа центри, мали локални винарии, разни специјалитети

Крушево уште докажа дека полека но сигурно станува дестинација за 4 сезони која е посетувана преку целата година. За прв пат се одржа настанот Крушево отворени денови или саем за туризам, креативни индустрии и гастрономија на кој издавачите на соби, угостителите како и производителите на разни локални специјалитети можеа да ги претстават своите услуги и производи пред гостите. Од здружението „Културен манифест“ кои го организираа овој саем велат дека ваквите настани ќе донесат нови туристи во градот.

„Кои ќе ги почувствуваат убавините на Крушево преку културните настани, преку гастрономијата, преку вкусовите на Крушево и мислам дека ќе има доста позитивни реакции“, изјави Валентин Тасески, претседател на здружение „Крушевски манифест“ Крушево.

Освен прекрасната природа и историја, крушевчани покажа дека може да понудат јавање со коњи, забава во најголемиот адреналински парк во државава, спа центри, мали локални домашни винарии, странски и традиционални специјалитети, па дури и морска храна.

„Нудиме храна од секаков тип, посебно би сакала тука да ги споменам пиците, тестенините, традиционалното крушевско грне, топено сирење“, вели Наташа Папакоча, угостител.

„Го имаме и најголемиот адреналински парк во Македонија кој работи 4 сезони, па туристите можат да уживаат во секој период. Во центарот на градот имаме и вински клуб, односно винарија која нуди македонски вина и одлично гастрономско уживање во рестораните“, рече Благојче Божиноски, угостоте.

„Нудиме морска храна. Идејата започна од работењето наше во Хрватска, после 5 годишно работно искуство таму се вративме дома и го отворивме овој мал семеен ресторан. Ресторанот нуди можност да се пробаат сите специјалитети, меѓу кои и пастите со морски плодови, школки, ракчиња, педочи, значи имаме повеќе врсти на истарска храна“, додаде Оливера Филиповска, угостител.

„Јавањето на коњи се одржува покрај езерото, има различни тури и тие се навистина прекрасни и се препорачани за Крушево, да дојдат луѓето да го искусат тоа, затоа што навистина е прекрасно“, кажа Љупче Велеска, угостител.

Организаторите се надеваат дека овој саем ќе стане традиционален и дека секоја година ќе има се повеќе компании кои ќе се промовираат, но и посетители.