СДСМ бара Уставен да ги укине измените на Законот за внатрешни, ВМРО-ДПМНЕ: СДС не треба да зборува за безбедноста
СДСМ со иницијатива до Уставниот суд бара поништување на измените на Законот за внатрешни работи.
Според опозицијата законот е скандалозен и ќе донесе брутална партизација на МВР, кое ќе се претвори во партиски механизам за пресметка со неподобните и заштита на криминалот и корупцијата на власта.
Професионалци со 30 години искуство, кои со децении граделе кариера, преку ноќ се уназадени од раководни позиции до најниски извршители. Кариерниот систем е укинат, се гази правото на работа и слободен избор на вработување загарантирани со Уставот. Се формираат партиски комисии за селекција кои, надвор од очите на јавноста и без вклучување на репрезентативниот синдикат, ќе одлучуваат кој е „подобен“ а кој не. Тошковски удира и по џебот на полицајците. Работното искуство веќе не е дел од основната плата, со што директно се намалува вредноста на сите додатоци како прекувремена и ноќна работа. Го укинува загарантираниот додаток за овластување од 20% и 30%, а наместо тоа, Тошковски носи класифицирани листи за тоа кој заслужува додаток на плата, вели Александар Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ
Криминалот, непотизмот и кронизмот се симболи на СДС, сега се работи одговорно и посветено на заштита на стабилноста, безбедноста, и достоинството на граѓаните, возвратија од ВМРО-ДПМНЕ
СДС нема кредибилитет да зборува за непотизам, ниту безбедност затоа што 7 години беа заштитници на криминалот и криминалните банди. Улиците низ Скопје во време на СДС, ДУИ и Оливер Спасовски беа како Дивиот Запад, убиства и мафијашки престрелки имаше на сред ден. Во време на Спасовски бевме први во Европа по бегства од затвори. За разлика од минатото кога полицајци се удира во пајаци сега МВР реагира одлучно, брзо и професионално за сите кривично правни настани и прекршочни настани. Професионалната и независна полиција е темел на секое демократско општество. Заложба на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е градење на силни и независни институции кои работат исклучиво во интерес на граѓаните, со целосна транспарентност и одговорност, стои во реакцијата на владејачката партија
Законот за внатрешни работи по скратена постапка беше менуван и кон средината на минатата и на почетокот на оваа година. СДСМ и тогаш реагираше дека со измените Тошковски добива неограничена моќ и бараа претседателката Сиљановска да не ги потпишува указите.
Бранејќи ги законските измени пак министерот Точковски пред пратениците тврдеше дека со измените се прави темелна реформа на полицијата без можност за политички влијанија. Со последните измени СВР Скопје повторно станува оддел, а скопската полиција добива поголеми овластувања. Целосната примена на законот почнува од 1 јули годинава.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
