СДСМ го обвини Деспотовски за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, тој вели - Ова не е СДСМ, ниту некогаш ќе биде
СДСМ денеска го обвинува Јован Деспотовски за соработка со ВМРО-ДПМНЕ со цел рушење на партијата од внатре. Од овие причини велат дека е испратено барање и до Централниот одбор за итно исклучување на Деспотовски од партијата. Изјавата на Деспотовски за Дојче Веле во која тој го критикува начинот на кој СДСМ комуницира со јавноста и новинарите, оценувајќи дека тоа не доликува на сериозна партија, од СДСМ тврдат дека е дадена со цел дестабилизација на партијата.
Еден наш член, Јован Деспотовски, по неуспешното медиумско прво обраќање, ја продолжи кампањата против СДСМ во еден сериозен и релевантен медиум. Станува збор за поранешен функционер на СДСМ и поранешен директор на големи државни фирми, ФИТР и ТИРЗ, со големи буџети.
Неполни две минути по објавата на тој текст, се појавува однапред подготвен, обемен текст на истата тема на еден од добро познат портал – на Героски. Тоа може да значи само две работи: или одговорите биле однапред испратени и координирани, или текстовите биле пишувани во директна координација со Геро, вели Петар Огњеновиќ, член на Извршен одбор на СДСМ.
Искрено, после 30 години политички стаж најмалку очекував токму мојата матична партија да ме остави целосно без зборови и коментар, вели Деспотовски по ваквите обвинувања
Во сите јавни настапи сум бил максимално умерен дури и во ситуации и за луѓе кои апсолутно заслужиле остар став. Ако таа умереност сега станува закана за актуелниот партиски врв, тогаш СДСМ има многу поголем проблем отколку што и мислиме. СДСМ имала и ќе има многу поголеми личности од актуелниот претседател. И, никој од нив никогаш не се ставил над партијата, над нашето семејство. Тое не е СДСМ, ниту некогаш ќе биде.
Една лична порака за крај или за почеток – Венко, со една одлука не можеш, ниту ќе дозволам да избришеш 30 години работа, љубов и жртва, вели Деспотовски во реакцијата.
Демантираа и од ВМРО-ДПМНЕ
Нема никаков координиран напад врз СДС, има координирано откривање на тоа дека Зоран Заев гради во Дубаи, а Венко Филипче доби златна виза таму. Затоа СДС толку многу и координирано пропаѓа. Одговорите нека ги побараат кај Заев и Башановиќ, стои во реакцијата на партијата
Опозицискиот лидер подолг период тврди дека владејачката партија преку нивни членови се обидува да ја дестабилизира СДСМ одвнатре бидјеќи секојдневно ги објавуваат нивните криминали. Претходно, вакви обвинувања Филипче имаше и за поранешните градоначалници од редовите на СДСМ, Петре Шилегов и Саша Богдановиќ.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
