Македонија
7. May 2025 - 16:36

СДСМ обвинува за корупциски скандал во Куманово, ЗНАМ демантира

СДСМ Куманово обвинува дека од влезот на ланецот маркети Лидл во градот, најмногу заработил градоначалникот Димитриевски. 

Според партијата, парцелата каде ќе се гради маркетот од фамилијата на Димитриевски е продадена на неговиот кум, па препродадена на Лидл за двојно повисока цена. За ова да се реализира општината вчера го изменила Деталниот урбанистички план, со поддршка од советниците на ДУИ.  

- Во август 2023, Општина Куманово распишува тендер за продажба на државно земјиште во индустриската зона Речица. Се знае однапред – купувач ќе биде „Лидл“. Продажбата е директно од државата кон Лидл, со цена од 5,5 милиони евра. До тука нема ништо спорно. Но сега внимавајте, само два месеци подоцна, друга парцела која е во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, е купена од кумот на Димитриевски,  Драган Митевски, за 250.000 евра. По само неколку дена, истата парцела е препродадена на „Лидл“ – за 600.000 евра. Кумот на Димитриевски, кој го купил земјиштето од фамилијата на Димитриевски, заработил 350.000 евра – за неколку дена. Без бизнис, без инвестиција, без ризик. Само со купи-продај! Почитувани граѓани, ова е корупција чиста како солза!, вели Атина Мургашанска, советничка на СДСМ во Советот на општина Куманово

Од партијата на Димитриевски пак  велат дека целата постапка е транспарентна и законска. ЗНАМ изнесе и низа контра обвинувања кон СДСМ. 

По денешната прес конференција од опозицијата побара сите налдежни институции да го истражат случајот.