Македонија
9. August 2025 - 16:59

СДСМ пак предлага минималец од 500 евра, ВМРО-ДПМНЕ чека договор меѓу синдикатите и работодавачите

СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минимална плата од 500 евра. Потпретседателот на партијата, Илиевски, вели дека граѓаните живеат сè потешко поради растот на цените и ниските плати. Тој оцени дека власта нема ниту план, ниту желба да им помогне на луѓето.

„СДСМ јавно ја изразува својата целосна поддршка на Синдикатите за зголемување на минималната плата на 500 евра! Ова не е само барање на работниците, ова е неопходно, ова е мерка која ќе им го олесни тешкиот живот на многу македонски семејства. Веќе еднаш СДСМ ги поднесе законските измени за поголема минимална плата, за покачување на сите плати, но ВМРО-ДПМНЕ ги одби. Ние нема да се откажеме. СДСМ повторно ќе го поднесе Законот за минималната плата од 500 евра. За достоинствен живот и за фер плати.Ќе видиме кој ќе гласа „ЗА“ народот, а кој повторно ќе го сврти грбот на народот“ - Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ

Ова доаѓа откако Сојузот на синдикати на Македонија пред два дена поднесе барање до претседателот на Собранието, Гаши, и координаторите на политичките партии за вонредно зголемување на минималецот.

Во отвореното писмо, ССМ наведува неколку причини за раст:

„Вредноста на синдикалната минимална кошница од јануари 2024 до јануари 2025 година е зголемена за над 6 илјади денари, а по завршување на мерките на Владата, истата е зголемена за дополнителни 2 илјади денари, или на едно семејство му недостасуваат околу 150 евра за овозможување на најосновните услови за живот. 55,7 % од граѓаните односно работниците во Македонија според податоците на Евростат не можат да си дозволат годишен одмор во траење од 7 денови, ниту во бунгалов во Дојран“.

Според ССМ, минималната плата во Македонија е најниска не само во регионот, туку и од земјите во Европската унија.

Сојузот на синдикатите, преку ова писмо, побара и итна средба со пратеничките групи, за, како што велат, да не се случи во Македонија да имаме најниско платени работниците, а највисоко платени функционери во споредба со земјите од ЕУ.

Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека ќе го прифатат оној износ кој ќе го договорат синдикатите и работодавачите во рамки на економско-социјалниот совет.

Во моментов минималната плата изнесува 24.400 денари. За овој износ работат околу 35 илјади работници.