Македонија
24. March 2026 - 16:33

СДСМ: Пратеничката група ни е стабилна, утре Централен

Пратеници на ЗНАМ можат да се приближат кон СДСМ само за одредени теми што се од интерес на граѓаните, велат од партијата на Филипче, откако Миле Цеков, пратеник од редовите на Максим Димитриевски, гласаше спротивно од мнозинството и го поддржа предлогот на опозицијата за минимална плата од 600 евра.

Иако Цеков потврди дека тоа го направил не како политички чин, туку поради повисок стандард на граѓаните, сепак тоа ги подгреа шпекулациите за можни премини меѓу власта и опозицијата.

Од друга страна, од СДСМ ги негираат можните проблеми во нивната пратеничка група поради судирот на поранешни функционери со лидерот Филипче.

„СДСМ има контакти со сите пратеници во Собранието. Тоа се секојдневни контакти кои се однесуваат на темите поврзани со работата на Собранието и законите во интерес на граѓаните. Приближувања може да постојат само по одредени теми, доколку тие се во интерес на сите граѓани на Македонија. Стабилноста на нашата пратеничка група ја доведува во прашање само ВМРО“, велат од Бихаќка.

Но, Филипче ќе се обиде да ги зацврсти своите позиции во партијата и преку проширување на Извршниот и Централниот одбор со нови членови, кои ќе бидат полојални кон него, но и поактивни. Утре, на партиски состанок, ќе се одлучува и за начинот на кој ќе следат разрешувањата на Шилегов и Деспотовски, што беа најавени минатата недела, а Филипче ќе ја презентира и новата партиска програма.

„На утрешниот Централен одбор, освен неколку редовни точки во однос на информирањето на членовите на Централниот одбор, јас ќе ја презентирам новата предлог-програма на партијата, на која ќе работат и членови на Централниот одбор во следниот период, а која е подготвена од стручните комисии во различни области, од сите сфери, за граѓаните да знаат какви политики ќе предлагаме во наредниот период... Тоа ќе биде процес кој ќе заврши и ќе се финализира со усвојување на таа програма на Конгресот, кој ќе се одржи на 7 јуни.“

Ден пред Конгресот, пак, ќе биде т.н. „скопска иницијатива“ со регионалните сестрински партии.

Во истиот период, преструктурирање ќе има и кај власта. Премиерот Мицкоски вчера потврди дека владината реконструкција ја планира за крајот на мај и почетокот на јуни. Без откриени ресори и имиња, покрај промените што ги најавуваат самите од Вреди, промени се очекуваат и кај помалиот владин партнер ЗНАМ.