Македонија
18. December 2025 - 16:29

Се нижат оставки во СДСМ и барања за смена на Филипче по изборот на ново раководство

Се нижат оставки во СДСМ само еден ден откако Филипче го избра новото партиско раководство.

Методија Куновски и Сашко Митовски повеќе не се претседатели на општинските организации на СДСМ во Битола и Крива Паланка. Двајцата вчера поднеле оставки од партиските функции.

Митовски кој е еден од вкупно четворицата градоначалници на СДСМ по последните избори, во телефонски разговор за Сител не сакаше да ја потврди информација, за како што вели да не им наштети на и онака кревките состојби во партијата. Куновски пак кој оставката ја објави на социјалните мрежи напиша дека на ваков чекор се решил откако практиките во партијата не биле во согласност со неговите лични принципи и со вредностите на социјалдемократијата.

Речиси истовремено на фб поранешниот скопски градоначалник побара оставка од Филипче

Откако иронично напиша дека Филипче извршил „самоубиство со умисла“, на крајот му порача – „или си СДСМ или си тезгарош“. По 50 телефонски повици за само 7 минути, Шилегов напиша нов пост во кој дообјасни дека бара негова оставка.

Филипче пак му одговори со статус во кој алудира дека Шилегов одработува за ВМРО-ДПМНЕ.

Јавно да се изнесуваат вакви работи во момент кога ДПМНЕ нè напаѓа од сите страни со цел да го замолчи нашиот глас на вистината, не е случајно. Тие пронајдоа еден од нас, послаб. Ги искористија неговите приватни проблеми, задолженоста кон одредени лица, а очигледно и уцени, за да го натераат одвнатре, од самата партија, да внесе немир во нашите редови, вели Филипче.

Фокус пак повикувајќи се на свои извори пишува дека поранешните високи функционери на СДСМ Игор Ивановски и Андреј Петов покренуваат иницијатива за кадровски смени во СДСМ и со која бараат поддршка тие да раководат во партијата.

ВМРО-ДПМНЕ и денеска ги искористи оставките за да порача дека бродот на СДСМ тоне.

Од СДСМ им возвратија дека прават неуспешни обиди да прикажат внатрепартиско уривање во паника дека опозицијата секојдневно ги објавува нивните криминали.