Македонија
9. јуни 2021 - 16:32

Се урива на најатрактивните охридски плажи

Под силно полициско обезбедување денеска започна уривањето на најатрактивните градски плажи. Прва на потегот од каналот Студенчишта до Горица 1 се најде плажата Куба Либре каде се отстранува платформата и нелегалните градби, а градежната механизација отстранува и на плажите Кадмо и Бела Виста кои се опфатени во генералниот урбанистички план.

Правниот застапник на плажата „Куба Либре“, Михаил Кичеец вели дека преземените активности на Општина Охрид не се во согласност со законот, дека не е добиено никакво решение за отстранување на објектот.

Најатрактивините плажи долж езерото деновиве останаа и без напојување со електрична енергија со што беа принудени да престанат со работа. 

Досегашните концесионери имале поднесено барање до Општината за одлагање на извршувањето, но не било постапено по истото.

Од општина Охрид пак на став дека мора да се стави крај на долгогодишното самоволие и хаотично стопанисување со плажите на охридското крајбрежје.

( Повеќе нема да биде толерирано нелегално работење и остварување на бизнис интереси на поединечни фирми, кои без договори за концесија и надвор од сите законски процедури граделе објекти и узурпирале државно земјиште, со што нанеле значителни штети во строго заштитената зона на езерото. ), стои во соопштението на општина Охрид.

Од локалната велат дека остануваат посветени на исполнување на препораките на УНЕСКО и одредбите од Планот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот регион додавајќи дека сите нелегални градби кои претставуваат опасност за регионот и се во спротивност на режимите на заштита ќе бидат отстранети и нема да има никаква селективност во постапките.