Се затрупува крушевската депонија за да се спречи нејзино запалување и пожар на околната шума
После децениски проблем на пожари, смрдеа и џад кој што го загадуваа целиот град, ЈП Комуна од Крушево започна со затрупување со земја на крушевската депонија.
Денес целиот отпад кој што се палеше неколку пати во текот на годината и кој претставуваше опасност да ја запали целата корија околу градот, па дури да зафати и дел од самите куќи, денес е затрупан и тргнат да соодветно растојание од шумата. Депонијата е поделена каскадно на 3 нивоа.
„Имавме наталожено отпад 20 години на ова место, кој што беше споен со околната шума и претставуваше опасност од запалување. А со самото запалување можеше да се случи да изгори целиот појас на дрва околу Крушево и да настани голема катастрофа. Многу пати се соочувавме со запалена депонија, со џад кој доаѓаше до градот и имавме загаден воздух. Се префрливме подолу со депонијата каде што нема опасност од запалување и каде што ќе можи почесто да ја затрупуваме за да се намали ризикот од запалување и нормално самиот изглед“, изјави Благојче Јанески, директор на ЈП Комуна Крушево.
Во моментов се работело и на тоа депонијата да се огради и да се постави видео надзор. Инаку ова е само привремено решавање на овој проблем кој што треба да помогне со менаџирањето на овој отпад кој според планот во 2027 година треба да започне да се носи во Регионалнио центар за управување до отпад во Општина Новаци.
„Во моментов имаме проект за носење на преси за селектирање на пластиката, на најлонот и картонот. Ќе ги селектираме, пакетираме и ќе ги носиме во зависност од доворот со депонијата во некој претоварен центар. Сакам и да апелирам до граѓаните на Крушево, да селектираме отпад, да внимаваме на нашата околина и да не ја загадуваме. Затоа што колку вие што загадувате ние не може да исчистиме. Ова е проблем на сите. И апелирам да го решиме тој проблем заеднички“, додаде Јанески.
Според планот 18 општини од охридско-преспанскиот и пелагонискиот регион својот отпад треба да го носат во Новаци.
-
Дарко Штаргоски
Сите содржини од овој новинар
