Македонија
22. July 2025 - 16:34

Седми ден гори на Готен

Пожарот што веќе седум  дена беснее на планината Готен излезе од контрола и од територијата на општина Василево се прошири и на подрачјата на општините Берово и Радовиш. Сувата и лесно запалива вегетација, во комбинација со силниот ветер и непристапниот терен, значително ја отежнуваат работата на противпожарните сили.

Во гаснењето на огнената стихија се ангажирани повеќе од 200 лица, кои интервенираат од копно. Меѓу нив се припадници на АРМ, вработени од јавни претпријатија, противпожарни единици и доброволци. Дополнително, се дејствува и од воздух со полициски хеликоптер и ер тракторите на Дирекцијата за заштита и спасување.

Особено сложена е ситуацијата на радовишкиот дел каде двата  крака од огнот напредуваат низ исклучително тежок и непристапен терен. Тоа значително ја забавува интервенцијата и го зголемува ризикот од понатамошно ширење на пожарот.

Како ќе се интервенира  понатаму и  за евентуалното ангажирање на дополнителни сили ќе одлучува кризниот штаб  кој постојано ја следи состојбата на терен. Засега, според официјалните информации нема загрозени населени места, објекти или човечки животи, и покрај тоа што во близина на еден дел од пожарот се наоѓаат викенд куќи .