Македонија
3. September 2026 - 16:28

Седми смртен случај од западно-нилска треска во Македонија

66 годишен пациент од Гази Баба починал компликации од западно- нилска треска на Инфективна. На клиниката бил хоспитализиран повеќе од 1 месец на одделот за интензивна нега. Ова е седми смртен случај во Македонија за еден месец од вирусната инфекција која ја пренесуваат комарци и птици. 

- Од приемот на Клиниката пациентот беше во многу тешка состојба. За време на лекувањето пациентот одреден период беше приклучен и на механичка вентилација, изјави д-р Фадил Цана, директор на Клиниката за инфективни болести.

Во моментот на болничко лекување на Инфективна има 9 пациенти, тројца се во критична состојба. Од почетокот на епидемијата 38 лица се излекувани и пуштени дома.

- Досега на Клиниката болнички биле лекувани 54 пациенти, 38 се излекувани и се отпишани, а во моментот хоспитализирани се 9 пациенти, од кои тројца се во тешка состојба и на интензивна нега, вели д-р Цана.

Последните потврдени случаи со западно-нилска треска се од Скопје Север и Радишани.

- И веќе е разговарано со соодветните градоначалници да обрнат внимание на активностите таму - рече Сашо Клековски, министер за здравство.

Инаку сите седуммина починати од вирусната инфекција која предизвикува возпаление на мозокот и мозочната обвивка се мажи. И во светски рамки невроинвазивната форма и смртноста е поголема кај мажите.

- Значи кај нас морбидитетот е 3,7 : 1 однос мажи : жени. Ова е демографска карактеристика. Две други состојби се поврзани значително и со заболевањето и со смртноста: едната е хронична бубрежна инсуфициенција, или хронична бубрежна болест, и втората е претходни цереброваскуларни инциденти, значи претходни мозочни удари, крвавења. Можно е, хипотетички, кај мажите да се почести цереброваскуларните инциденти, бидејќи знаеме дека статистички жените, посебно во добар дел од животот, се заштитени од кардиоваскуларни инциденти, изјави министерот за здравство  Клековски.

Во соседна Грција за една недела од западно- нилска треска починале 5 лица, а биле регистрирани 58 новозаболени. И во Србија последната недела пријавени се 7 нови случаи.