Македонија
22. September 2025 - 16:38

Седумгодишно девојче од Челопек почина во тетовската болница

Седумгодишно девојче од Челопек почина во Клиничката болница Тетово после еден ден откако било хоспитализирано на одделот за педијатрија. Според информациите од болницата детето го примиле во саботата навечер со болки во мускулите, а вчера за време на аспирацијата на секрет од усната шуплина девојчето не давало никакви реакции, по што ја префрлиле на интензивна нега каде починало. Директорот на установата вели дека пациентката ја третирале по медицински протоколи согласно возраста, биле направени неопходни испитувања, но не е поставена дијагноза. 

- Била побарана помош од ОРЛ за аспирација на секрети од усната шуплина. За жал, за време на интервенцијата, пациентката не покажа знаци на реакција, по што беше итно префрлена на Одделението за анестезија, реанимација и интензивна нега, каде што беа преземени сите мерки за реанимација. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, пациентката почина“, изјави д-р Ерзен Елези, директор на КБ Тетово.

Откако им била соопштена веста дека девојчето починало, револтирани членови на семејството скршиле стакло и оштетиле инвентар во болницата. Не дозволиле обдукција на телото. На социјалните мрежи блиски на детето и жители на Челопек изразија сомнеж за лекарска грешка. За случајот е информирано и обвинителството.

- Јавен обвинител од ОЈО Тетово веднаш по настанот беше известен дека има инцидент со оштетување на имот на болницата. Откако ја утврди причината за инцидентот, обвинителот веднаш уште вчера издаде усна, во утрово и писмена наредба за обдукција на телото на починатото девојче, информираа од обвинителството.

Случајот со починатото седумгодишно дете ќе го испитува и стручна комисија формирана од министертсвото за здравство.

- Формирана е комисија од министерството, дозволете да се испита случајот и ќе информираме, рече Азир Алиу, министер за здравство.

Според директорот на тетовската клиничка болница починатото дете претходно било лекувано преку инфузија кај матичен лекар и побара надлежните институции да  го испитаат и тоа.

- Матичните не смеат да го прават тоа според ние еден протокол, ова не е прв пат пациенти кои претходно биле лекувани интразенозно да бидат донесени кај нас во влошена состојба, рече директорот на Клиничката болница Тетово д-р Ерзен Елези.

Директорот на тетовската болница посочи дека се подготвени да соработуваат со сите надлежни институции за да се откријат точните причини за смртта на детето.