Македонија
2. April 2026 - 16:36

Сејф сити: Зголемен бројот на прекршоци во март во споредба со февруари

За 37% е зголемен бројот на направени прекршоци со Сејф Сити во март во споредба со февруари. Камерите минатиот месец уловиле 26.241 лице кои прават сообраќаен прекршок, а во февруари 19.066.

Од вкупниот број на регистрирани прекршоци за минување на затворен сигнал (црвено светло) констатирани се 70 прекршоци што претставува намалување на 68.2% во споредба со месец февруари, изјави Гоце Андревски, портпарол на МВР.

Најмногу казни и овој месец има за брзо возење.

Иако има значително намалување на прекршоците за минување на црвено, статистиката јасно укажува дисцплината зад воланот се уште не е на посакуваното ниво, особено земајќи го во обзир фактот дека во март дури 25.230 возачи притиснале на гас повеќе отколку што дозволуваат правилата.

Системот регистрира 941 прекршок за управување на возило со измината важност на сообраќајната дозвола. 

На 544 лица им се забранило да управуваат со возило. Оваа бројка во споредба со претходниот месец бележи намалување од 16,7%.  Овие лица добиле забрана да возат бидејќи од нив 70 си поминале на црвено светло, а 474 возеле брзо.

Властите имаат план Сејф сити да се прошири на територијата на цела држава во текот на 2026 година, но не прецизираат во кои градови кога ќе се инсталираат камери. 

Бројот на локации ќе биде соодветен на потребите, со цел да се покријат т.н. „црни точки“ каде што статистички се случуваат најмногу сообраќајни незгоди. Точниот број и специфичните локации ќе бидат дефинирани по завршување на техничкото планирање, но целта е целосна и ефикасна покриеност на критичните зони, велат од МВР за Сител.

Дополнуваат дка фокусот ќе биде ставен на главните сообраќајни артерии и булевари каде што е регистрирана поголема фреквенција на возила и пешаци, клучните крстосници каде што често се случуваат сообраќајни прекршоци, влезовите и излезите на градови, со цел зголемување на општата безбедност.

Последно камери почнаа да се поставуваат во Велес, но со функционирање е придвидено да почнат во јули. Локалните власти во Охрид и Струга соопштија дека таму камерите ќе профункционираат пред почетокот на летната сезона за поголема безбедност на туристите.

Камери веќе се поставени во Скопје, како и на Коридорите 8 и 10, Тетово и Куманово.