Секој четврти загинат во сообраќајка е пешак
Бројот на загинати пешаци во сообраќајни несреќи се намалува, но тие и понатаму остануваат една од најранливите категории учесници во сообраќајот. Статистиката покажува дека дури една четвртина на загинати лица во сообраќајни несреќи се пешаци. Лани животот го загубиле 20 лица или за 15 помалку во однос на претходната година, а над 600 биле повредени од кои 151 тешко. Најголемиот дел од загинатите биле на возраст над 65 години, но меѓу нив има и едно дете. И покрај трендот кој покажува намалување, бројките и понатаму се високи велат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата. Според нив освен што се најранлива, пешаците остануваат и една од нај недисциплинираните категорија учесници во сообраќајот.
- Кај пешаците недостасува чувство дека и тие се активни учесници во сообраќајот и дека и тие мора да ги почитуваат правилата и прописите во сообраќајот кои нормално се однесуваат токму на оваа категорија учесници. Според статистиката околу 25% од вкупниот број на загинати лица се пешаци или во апсолутни бројки тоа значи дека секоја година од 30 до 35 лица пешаци го губат животот во сообраќајни незгоди, од кои повеќе од 50% се возрасни лица над 60 години, вели Ристо Манчев - РСБСП
Со цел подигање на свеста кај пешаците, Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата најавува едукативни кампањи наменети токму за оваа категорија граѓани. Кампањите е планирано да започнат овој месец кога вообичаено со подобрените временски услови се зголемува и фреквенцијата на пешаци.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
