Македонија
18. October 2026 - 16:39

Секој ден е важен, побрза дијагноза за ракот на дојка во Штип

Промена на дојката, преглед, сомнителен наод, па биопсија. За жените кај кои постои сомнеж за рак на дојка, секој ден е важен. Во Штип, новиот мултидисциплинарен центар треба да го скрати патот до дијагнозата, а со бесплатните мамографски прегледи во октомври ќе се опфатат и жените кои долго чекале. Виолета Ефтимова повеќе од 20 години е активна во граѓанскиот сектор, каде што се залагала за подобра информираност на пациентките и поголема достапност на помошта за жените соочени со оваа дијагноза.

- Знаеме дека ракот на дојката е излечива болест ако се открие навреме. Затоа, сите жени треба редовно да ги прегледуваат дојките. Ако болеста се открие рано, шансите за успешно лекување се многу поголеми. Тоа не е болест што не може да се лекува и не значи дека е крај, вели Виолета Ефтимова, активистка.

Покрај лекувањето, таа ја нагласува и важноста на психолошката поддршка, која им помага на жените полесно да се справат со стравот и неизвесноста.

- Многу е тешко, но жените не треба да се затвораат дома. Треба да најдат начин да си ја олеснат душата. Ние први почнавме со психолошката поддршка и имавме многу добра регионална соработка со организацијата на жените во Свети Николе, како и со помалите организации од другите градови во источниот регион, додаде Ефтимова.

Ефтимова потсетува дека некогаш жените имале подобро организирана мрежа за помош и полесно наоѓале каде да се обратат, па затоа смета дека поддршката за пациентките треба повторно да се зајакне.