Македонија
11. October 2026 - 14:36

Шест полицајци ќе бидат суспензирани за случајот со претепаните момчиња

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР презема мерки и дејствија за настанот случен на 07.10.2026 за прекумерна употреба на физичка сила и нанесени телесни повреди врз лица од страна на полициски службеници при преземање на полициски овластувања.

Од извршените проверки, обезбедените снимки од настанот и обезбедените изјави на лица сведоци на настанот, утврдени се низа неправилности при постапувањето на полициските службеници за што од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР против шест полициски службеници ќе биде поведена постапка за кршење на работниот ред и дисциплина и ќе бидат изречени мерки за отстранување од работно место-суспензија.

Во однос на пријавите за кривично правните настани поднесени во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Секторот за внатрешни работи Скопје од страна на надлежните обвинителства се издаваат наредби за вештачење по кои се постапува.

По документирање на целокупниот доказен материјал ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.