Штип денеска ќе пие вода од цистерни
Поради подесување на системот во филтер станицата, штипјани денеска ќе пијат вода од цистерни. Водата во водоснабдителниот систем не е препорачлива да се користи за пиење и готвење, туку само за техничка употреба. Од вчера словенечки екперти ги подесуваат параметрите за усогласување на двата системи во новата филтер станица. Едниот е од бунарите и вториот од ХС „Злетовица“.
-Постојниот систем за водоснабдување на општина Штип и старата филтер станица е со технологија за прием на вода од бунарски систем. Таа вода е природно прочистена во самите бунари, додека ХС „Злетовица“ испорачува вода директно од река Злетовица и се води како површинска вода- изјави Миле Илиевски, директор на ХС Злетовица.
Новата филтер станица располага со технологија за ултрафилтрација и е компатибилна за преработка на водата од хидросистемот. Вчера штипјани исто така не ја користеа водата од водоводот, а за пиење и готвење купуваа вода во шишиња. Бидејќи просецот на калабрирање на системот се оддолжи, од ЈП „Исар„ се одлучија да донесат вода во цистерни од соседните општини. На веб страницата на Исар веќе се објавени локациите и времето на пристигнување на цистерните во населбите, а за 12 и 30 е закажана прес конференција на која ќе бидат соопштени детали за процедурата на подесувањето на филтер станицата.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар