Македонија
16. July 2026 - 12:16

Штип добива прв центар за рехабилитација во истокот

Источниот регион наскоро ќе добие специјализиран центар наменет за рехабилитација и поддршка на децата и младите со попреченост. Во Штип заврши изборот на компанијата која ќе го реализира проектот, а следниот чекор е адаптација на просторот во средното текстилно училиште според потребите на идните корисници. Објектот треба да обезбеди современи услови за дневен престој, индивидуален пристап и стручни услуги за околу 40 деца и младинци, како и поддршка за нивните родители и старатели, кои досега за дел од овие услуги мораа да патуваат надвор од регионот.

- Согласно динамиката и временскиот рок за изградба, очекувам до крајот на годината истиот да биде изграден, да бидат адаптирани просториите, а веднаш потоа и да биде ставен во функција“, изјави Иван Јорданов градоначалник на Штип.

Проектот е вреден околу 11 милиони денари. Финансиската конструкција е обезбедена со поддршка од Министерството за социјална политика, демографија и млади, а дел од средствата се од локалниот буџет. Паралелно со овој проект, локалната власт работи и на создавање нови можности за младите лица со попреченост. Една од идните идеи е формирање Центар за младинци, кој би се реализирал на просторот меѓу населбите Железничка и Пребег.

- Еден од предлозите е, како општина, да преотстапиме една локација на која, перспективно, Здружението на лица со попреченост ќе има можност преку различни проекти да направи одредена содржина од која ќе имаат корист, додаде Јорданов.

Со отворањето на Центарот за рехабилитација, Штип ќе добие нова социјална услуга која треба да го олесни секојдневието на семејствата и да овозможи подобра интеграција на децата и младите со попреченост во заедницата.