Македонија
2. February 2022 - 19:53

Штип ги доби анализите за исправност на водата од Злетовица

Oпштина Штип и официјално ги доби резултати за исправноста на водата од ХС „Злетовица“. Донесена е одлука на Советот да се изврши технички прием на преадаптираната филтер станица и останува уште добивање на решението од Агенцијата за храна и ветеринарство.

-Во наредните неколку денови овие протоколарни дозволи и процедури ќе бидат завршени, за да водата биде ставена во системот на ЈП „Исар“ и да биде дистрибуирана до крајните корисници, односно до потроѓувачите, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.

Со ова, ЈП „Исар“ за 4 пати ќе ја редуцира потрошувачката на електрична енергија, која сега ја троши за работа на пумпите во бунарскиот систем. Од друга страна, општина Свети Николе должи 15 милиони денари кон „Злетовица“, поради што беше доведено во прашање снабдувањето на градот со вода за пиење од хидросистемот и мораше да се корегира договорот.

-Договорен е начинот на исплата на долгот по две основи, долг за заостанати неплатени фактури и долг по основ на камати. Направен е акциски план по која динамика нивниот долг ќе биде исплаќан во период од најмалку 7 или 8 години, изјави Миле Илиевски, директор на ХС „Злетовица“. 

Во општина Карбинци се гради фабрика за преработка на суровата вода од „Злетовица“ и се врши поврзување со цевководот, а општина Лозово распишува тендер за изградба на нова филтер станица.