Штип го реши проблемот со водата за пиење за наредните 50 години
Од крајот на месецот, Штип ќе започне со комерцијална употреба на водата од ХС „Злетовица“, односно, ќе биде дистрибуирана низ водоводниот систем. Со просечна потрошувачка од 180 литри вода во секунда, новата филтер станица ќе прими 5,6 милиони кубни метри вода на годишно ниво, за што ЈП „Исар“ ќе плаќа по 2,2 милиони денари месечна фактура. За илустрација, само за месец јануари, сметката за струја која ЕВН ја испорача кон „Исар“ изнесува 19 милиони денари.
- За оваа година, 2022-ра, цената на водата е 4,69 денари за метар кубен вода, изјави Миле Илиевски, директор на ХС „Злетовица“.
Браната „Кнежево“ е со капацитет за испорака до 600 литри вода во секунда, што е повеќе од доволно да ги задоволи потребите на општините од истокот кои се снабдуваат со вода за пиење од ХС „Злетовица“.
- Имаме можност да пласираме вода во било кој период од годината, посебно во лето, кога сушите се големи и кога потрошувачката на вода е поголема, додаде Илиевски.
Според анализите на „Исар“, потрошувачката на електрична енергија ќе се намали за 4 пати, но во кондиција ќе се одржува и постојниот бунарски систем.
- Ние сме еден од ретките градови кои ќе имаме 2 начина на водоснабдување. Едниот преку ХС „Злетовица“ и другиот, преку бунарскиот систем, изјави Трајче Здравков, директор на ЈП „ИСАР“.
Илиевски децидно ги отфли шпекулациите дека водата од хидросистемот е штетна по здравјето на луѓето.
- Повеќегодишна манипулација од одредени луѓе, дека водата е радиоактивна, сето тоа апсолутно не е вистина. Во последните 10 години, откако пласираме вода во Свети Николе и Пробиштип, немаме траги, немаме забележано присуство на ниту еден тежок метал, вклучително и радиоактивност на водата, изјави Илиевски.
Со приклучување кон хидросистемот, Штип го решава проблемот со водоснабдувањето за следните 5 децении.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар