Штип повеќе нема да пие вода од цистерни
Водата од штипската водоснабдителна мрежа е чиста и безбедна за пиење, по подесувањето на параметрите од двата водоводни системи во филтер станицата. Потребни беа неколку денови за оптимизација на хлорирањето, кое го вршеа словенечки инжинери, заедно со вработените на станицата.
- Инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство дојдоа, направија увид, изготвија записник, по што се утврди дека ЈП „Исар“ постапило правилно и дека сега се е во ред и дека граѓаните на општина Штип, слободно можат да пијат чиста и квалитетна вода која ја дистрибуираме во водоснабдителниот систем, изјави Трајче Здравков, директор на ЈП „ИСАР“- Штип.
- Сите анализи кои ги направивме во државата и надвор од Р. Македонија, во сите релевантни институти, покажуваат висок квалитет на водата за пиење и навистина ова за нас претставува историски момент, затоа што ретко кој град има два системи за водоснабдување. Ние во наредниот период ќе користиме комбиниран систем, а тое е од ХС „Злетовица“ и бунарскиот ситем, изјави Иван Јорданов, градоначалник на Штип.
Во новата филтер станица за ултрафилтрација на водата од „Злетовица“ се инвестирани повеќе од 6 милиони евра. Штип ќе користи просечно по 180 литри вода во секунда, со што ќе биде општина на Истокот со најголема потрошувачка на вода за пиење од хидросистемот. На овој начин, сметката за потрошена електрична енергија за работа на пумпите на бунарскиот систем, ќе се намали за 4 пати.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар