Што направи државата по пожарот во Kочани?
Неколку часа по пожарот во кочанската дискотека, Владата на итна седница донесе одлука – за 3 дена да се изврши вонреден инспекциски надзор врз сите дискотеки, кабареа и ноќни клубови.
Фактот дека „Пулс“ работела без лиценца, а немала ниту соодветен систем за заштита од пожари, ги натера надлежните веднаш да проверат каква е состојбата во сите угостителски објекти. Контролите се проширија ширум државата.
Од пазарниот инспекторат за Сител велат дека до крајот на минатата година биле направени над 4.400 инспекции. Напишале казни вредни околу 250 илјади евра, а привремено затвориле 162 објекти. За разлика од 2024-та, казните се зголемиле шест пати, а привремените затворања повеќе од три пати.
- Овие бројки покажуваат дека како Влада и како надлежни институции ветивме дека овој начин нема да биде реакција по трагедијата, туку ќе биде еден континуиран процес и проверка на збиени редови, на построги процедури, се со цел на утврдување на минимално-техничките, а и безбедносните услови. Во овој момент имаме само 7 активни лиценци кои дополнително подлежат на вонредни инспекциски надзори, се со цел да се направи потврда дека и по добиената лиценца, немаме отстапување од минимално-техничките услови. Ценам дека ваквиот пристап е пред се одговорност на институцијата, нешто кое мора да се направи и нешто кое ќе обезбеди никогаш повеќе да не ни се случуваат вакви трагедии – изјави портпаролката на Владата, Марија Митева.
Министерството за економија лани има издадено само 8 лиценци од кои по 3 за кабаре и дискоклуб и 2 лиценци за дискоклуб на отворен простор.
Од Пазарна, пак, велат дека „согласно годишниот план за 2026, предвидено е минимум еден редовен инспекциски надзор во угостителските објекти кои подлежат на лиценца како што се диско, ноќен клуб и кабаре“.
Веднаш по трагедијата, антикорупциската комисија ги бараше дупките во законите кои ја регулираат постапката за вршење угостителска дејност. Најдоа дека постојните закони биле полни со недостатоци, па не се знаело ни кој треба да проверува, ни кој да казнува. Исполнетост на условите, постела само на хартија. Предложија прво да се проверуваат условите, па после да се дава лиценца за угостителски објект.
Од Економија ни кажаа дека постапуваат построго, а предлог-измените на Законот за угостителска дејност се во финална владина процедура.
Со измените се доуредуваат одредби, се заоструваат условите за добивање лиценца, ќе се бараат докази за исполнување на условите. Во Министерството за економија се воведува комисија за проверка на барањата, хотелите нема да можат по автоматизам да добиваат лиценци за ноќен бар, кабаре и диско клуб. Објектите што ќе добијат забрана од инспекторите може да се запечатат.
- Во моментов, работната група се уште активно работи на овие измени, очекуваме во следниот период да се најде тој предлог-закон на една јавна дебата, на она што значи одобрување на истите, а веднаш потоа и да биде донесен. Ценам дека ваквите законски измени се неопходни, но исто така е неопходна и нивната имплементација, доследно и во целост од страна на надлежните институции – вели Митева.
Инспекциите не застанаа само на угостителските објекти. Се контролираа станбени згради, училишта, градинки.. Се проверуваше дали имаат исправни хидранти, противпожарни апарати, дали се одржувани електричните инсталации..
Во меѓувреме, Собранието забрани секаков вид пиротехника во затворен простор. Казните, пак, за пропуштање малолетници во угостителски објект се зголемија десеткратно.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
