Македонија
30. јуни 2025 - 16:32

Силен раст на индустриското производство во мај

9,4% раст на индустриското производство во мај годинава споредено со истиот месец лани, пресмета Државна статистика. Се произведувало повеќе храна, облека, машини...

Според статистика, солиден скок од 18,8% бележи рударството.

Кај преработувачката индустрија, пак, има зголемување од 9%. Овој раст главно се должи на поголемото производството на храна – над 10%, пијалаци – речиси 20 отсто, облека 18%..се произвеле и повеќе хемиски производи, фармацевтски препарати, производи од гума…

Најголем пораст е регистриран кај производството на електрична опрема – за над 31%, машини и уреди за 18.4%, како и моторни возила и приколки – за речиси 22%.

Според главните индустриски групи, раст има кај интермедијарните производи, односно суровините и полупроизводите - 13.7%, капиталните и нетрајните производи за широка потрошувачка.

Пад е забележан кај производството на струја, гас и пареа, каде што бројките се пониски за 11.8%.

Aко ги гледаме првите пет месеци од годината, од јануари до мај, индустријата вкупно пораснала за 3.3 проценти споредено со истиот период лани.

Ова е првпат по подолг период да има ваков скок на индустриското производство, а е важно зашто е мотор на економскиот раст. Кога фабриките и индустриските погони произведуваат повеќе, тоа води до поголем извоз, повисока вработеност и зголемен прилив на даноци во државната каса.