Силјановска Давкова: Каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме

Асномскиот завет вели – каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме, истакна претседателката Гордана Сиљановска Давкова на денешната панел-дискусија на тема „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“.
Според претседателката Сиљановска Давкова, држава не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење на функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното туку и на меѓународното право.
-Асномскиот завет кој вели – каква држава ќе создадеме, таква држава ќе имаме. По мое мислење, умерените и умни лидери во деведесеттите години биле Глигоров, Стојан Андов, Никола Кљусев, Петар Гошев, Абдурахман Алити… кои успеаја од тој вртлог на војна со своето знаење и мудрост, но и државничкиот однос на еден умерен начин да исчекорат, и тоа е многу важно. Според еден научник, може за шест дена да скицирате устав, може за шест месеци да зацртате либерална економија, ама ви требаат шеесет години да изградите функционална демократија. Таа не се гради само со демократските избори и со конституирањето на институциите, туку со градење на функционални институции, со одбрана и заштита на човековите права и со почитување на највисоките стандарди, не само на домашното туку и на меѓународното право, нагласи Сиљановска Давкова.
На панел-дискусијата на тема „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“ учествуваат поранешни пратеници, министри и други јавни личности.
Според поранешниот пратеник Ламбе Арнаудов, во првите денови од периодот на независноста голема улога одигра високата политичка свест на правите парламентарци.
-Јас се гордеам со овие херои на независноста што денес се овде заедно со нас, како и со сите, за жал, покојни и живи што не се меѓу нас, и им благодарам за она што го направија за Македонија. Гледајќи ја реалната опасност од распаѓање во тие тешки моменти, ние уште првиот и вториот ден донесовме Декларација за независност на Република Македонија, потсети Арнаудов.
Поранешниот пратеник Насер Зибери посочи дека релацијата меѓу правата и лојалноста е секогаш клучна за стабилноста и просперитетот на една земја, и според него во тој период имало недостаток и од едниот и од другиот елемент.
-Сето тоа создаваше кризни периоди кои во одредени моменти знаеја да ескалираат и да ги доведат во прашање и крупните одлуки, меѓу кои и референдумот за независност, односно учеството на Албанците на тој референдум. Да не бидам погрешно сфатен, додаде Зибери, тогашните претставници на Албанците, кои беа олицетворени во Партијата за демократски просперитет, беа меѓу првите што се залагаа за независност, самостојност и сувереност на Република Македонија, имајќи го предвид она што се случуваше во Белград и во тогашна Југославија. На повидок беше распадот на СФРЈ и ние меѓу првите се определивме за таков пат. Меѓутоа, ние, како застапници на тој народ, сакавме да имаме јасна слика во каква правна и уставно-правна рамка ќе се најдеме, за да можеме активно да учествуваме во градењето на таа држава, рече Зибери.
Поранешниот пратеник и министер за правда Туше Гошев честитајќи го празникот истакна дека државата е создадена од големата желба на една генерација да има самостојна и независна држава во која сите граѓани ќе бидат рамноправни, додека пак, поранешниот пратеник, министер и поранешен гувернер на Народната банка на Македонија Петар Гошев истакна дека кога станува збор за празниците, има своја градација на нивното значење.
-Бидејќи денес тука има и млади луѓе, а политичарите честопати зборуваат од перспектива на сопствените биографии и понекогаш ги нагласуваат сопствените улоги, се случува 8 Септември 1991 година да биде претставуван како поважен од 2 Август 1944 година. Зошто? Затоа што македонската држава постои од АСНОМ. Тој празник е број еден, без разлика дали јас или некој друг учествувал во настаните што следеле подоцна. Македонија се конституира како држава со АСНОМ и со победата над фашизмот. За среќа или несреќа, како што некој би рекол, тогашното раководство, со сите свои слабости и грешки, ја избрало вистинската страна во Втората светска војна и се приклучило на силите што го признавале правото на самоопределување на народите. Не смее да се уништува споменот на луѓето кои учествувале во антифашистичката борба, ниту да се рехабилитираат соработници на фашизмот и разни неофашистички идеи. Тоа не смее да го дозволи овој народ и мора подобро да ја познава својата историја. Не треба самите да си ја скратуваме историјата или да ја релативизираме преку политички интерпретации и хиперболизирање на поединечни настани. Без разлика колку е долга или кратка во споредба со историите на други народи, тоа е нашата историја и треба да ја почитуваме, нагласи Петар Гошев на панел-дискусијата на тема „8 Септември низ призма на неговите непосредни учесници и сведоци“.
МИА
Ново на Сител
-

ЦУК: Регистрирани 26 пожари на отворен простор, пет се активни, шест се под контрола, а 15 се изгаснати
-

Горивата со нов скок - дизелот поскап за 6, бензините за 3 ден/л
-

Во КПУ Идризово пронајден починат 60-годишен затвореник
-

Кавадарчанец со 2,97 промили алкохол во крвта бил агресивен кон сопругата и малолетната ќерка
-

Артан Груби не се чувствува виновен за случајот со „Државна лотарија“
-

19-годишна девојка загина кај Свети Николе откако со возилото излета од патот
-

Дизелот повторно над 100 денари од полноќ, поскапуваат и бензините
-

Македонскиот фолклор триумфираше во Бразил: „Студио Фолклор“ прво кај публиката, трето кај жирито
