Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска, заедно со 50 шефови на европски држави и влади, учествуваше на Самитот на Европската политичка заедница во Даблин, чија централна тема е „Европа: силна, безбедна и поврзана“.
Сиљановска-Давкова се обратила на панел-дискусијата „Градење компетитивна Европа - иновација, поврзаност и достапна енергија“, на кој говорела за поврзаноста меѓу европската конкурентност, иновациите, енергетската безбедност и интеграцијата на Западниот Балкан.
Во своето излагање, претседателката истакнала дека Европа ја црпи својата сила од способноста различноста да ја претвори во соработка, а соработката во заедничко дејствување оценувајќи дека токму во оваа способност се наоѓа и еден од клучевите на европската конкурентност.
Конкурентноста денес, посочила Сиљановска-Давкова, не може да се сведе само на капиталот, големината на пазарите или цената на работната сила, туку сè повеќе зависи од капацитетот да се поврзат знаењето, технологијата, инфраструктурата, енергијата и луѓето, и тие врски да се претворат во иновации, продуктивност и одржлив раст. Поврзаноста, нагласила таа, не е само географско прашање, туку економска неопходност, безбедносен императив и политичка одлука.
Говорејќи за Западниот Балкан, претседателката нагласила дека регионот не е надвор од Европа, туку е дел од нејзината историја, инфраструктура и безбедносна архитектура, при што Европа и Западниот Балкан ги опиша како „систем на поврзани садови“, во кој случувањата во еден дел неизбежно влијаат врз другиот.
Прашањето, според Сиљановска-Давкова, не е само како Западниот Балкан подобро да се поврзе со Европа, туку дали Европа може да си дозволи да остане недоволно поврзана со регион што се наоѓа на пресекот на нејзините стратешки правци, енергетски коридори, пазари и човечки потенцијал.
- Секое одложување на поврзувањето е пропуштена можност. Секоја одложена инвестиција има економска последица. И секоја политичка цел има цена којашто не ја плаќаат институциите, туку граѓаните - истакнала претседателката.
Во фокусот на нејзиното излагање била и енергетската безбедност, при што таа оцени дека неодамнешните кризи покажаа оти економската зависност може, во одредени околности, да прерасне во стратешка ранливост. Затоа, енергетската безбедност, според неа, не треба да се сфати само како сигурност на снабдувањето, туку и како диверзификација на изворите и правците, меѓусебна поврзаност на системите, технолошкиот капацитет и способноста за носење суверени одлуки.
Зелената транзиција, истакнала Сиљановска-Давкова, не треба да се поставува како избор меѓу одржливоста и конкурентноста, туку како можност одржливоста да стане извор на технолошки иновации, индустриска обнова и економска отпорност, при што иновацијата добива значење на стратешки капацитет, а не само на економски инструмент.
МИА
Ново на Сител
-

Тошковски: Жената треба да се чувствува најбезбедно во својот дом, со новиот закон се предвидуваат и електронски алки за насилниците
-

Сиљановска-Давкова на Самитот на ЕПЗ во Даблин: Европа не треба да си дозволи да остане недоволно поврзана со Западен Балкан
-

Трамп: На САД не им треба договор со Иран
-

Трамп се закани со двојно зголемување на царините ако Мексико не го запре мигрантите
-

Криминална организација во Солун шверцувала над 17 милиони цигари и незаконски се стекнала со 1,36 милиони евра
-

По аферата со кинеска шпионка, оставка на извршниот директор на „Енвидија“
-

Фон дер Лајен на ЕПЗ во Даблин: ЕУ ќе ја поддржи Украина и во војна и во мир
-

Инвестирани над 40 милиони денари за Стоматолошкиот клинички центар „Св. Пантелејмон“
