Синдикалната кошница над 70.000 денари, Ристески: најголем дел од населението зема плата околу просечната
Синдикалната минимална кошница надмина 70 илјади денари. Тоа е речиси 5 илјади денари повеќе отколку лани. Во споредба со септември, трошоците се зголемиле за над 900 денари, а само за храна и пијалаци се потребни повеќе од 26 илјади денари. Повеќе пари одат и за транспорт, кој на годишно ниво поскапел за речиси 800 денари. Поскапување има и кај облеката и обувките, комуникациите, домувањето и личната хигиена.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија предупредуваат дека растот на трошоците сериозно го притиска животниот стандард и дека семејствата сè потешко успеваат да ги покријат месечните потреби.
„Една просечна плата од 48-49 илјади и една минимална плата скоро ја покриваат минималната кошничка. Општата состојба во државата е дека народот осиромашува, платите стагнираат и затоа на следниот Економско-социјален совет треба да се седне и да се разгледа што понатаму, да се преземат долгорочни мерки во интерес на граѓаните, студентите и пензионерите“, вели Љупчо Радевски од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Од Министерството за економија, пак, велат дека минималната плата се зголемува според утврдената формула, а расте и просечната плата.
„Најголем дел од населението, да речам, се движи околу таа просечна плата, бидејќи само 2% од населението реално земаат минимална плата. Така да ќе гледаме таа просечна плата или медијална плата да се зголемува и понатаму со подобрувањето на економските прилики, зголемувањето набруто-домашниот производ, продуктивноста, намалувањето на инфлацијата, заштитата на животниот стандард и подобрувањето на куповната моќ на граѓаните“, вели заменик-министерот за економија Марјан Ристески.
На Економско-социјалниот совет треба да се разговара и за разликата меѓу синдикалната и владината пресметка на месечните трошоци. Според државната математика, на едно семејство му се потребни околу 58 илјади денари.
„Не знаеме кои артикли од кои маркети и каде се земени. Јас често одам по маркети и ги гледам цените, секојдневно сум во оние маркети со најниски цени. Растителните кашкавали, растителното сирење, она што нема квалитет, што е 150-200, 250 денари – тоа го купуваат граѓаните и излегува дека најмногу се троши“, вели Радевски.
Седницата на Економско-социјалниот совет е закажана за 26 октомври.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
