Македонија
3. јуни 2025 - 16:44

Синдикатите поделени околу спуштањето на прагот за репрезентативност од 10 на 5%

Со 65 гласа „за“ и 10 „против“, пратениците дадоа зелено светло за намалување на прагот за репрезентативност на синдикатите. Собранието ја изгласа потребата од измени во Законот за работни односи и предлогот веќе утре ќе се најде на комисијата за економски прашања. Претходно, дел од синдикатите остварија средба со претседателот на комисијата Стојаноски и пратениците Беким Сали и Даниела Белимова како предлагачи.

„Повеќе синдикати и повеќе работници ќе бидат претставени на економско-социјалниот совет и ќе може повеќе интереси од повеќе работници да бидат претставени на истиот. Ние веруваме дека на ваков начин, со повеќе синдикати коишто ќе седат на таа маса, на тој трипартитен дијалог ќе може да се направи поголем притисок и врз работодавачите, но и врз владата за исполнување на повеќе синдикални и работнички барања“ – Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ

Присутните синдикалци се задоволни што отсега еден синдикат ќе се смета за репрезентативен ако неговото членство брои 5 отсто од вработените во државата.

„Досега знаеме дека имаше 10% репрезентативност. Тоа беше голема бројка на членови за да се собере. Еве тврдам дека нема ниеден од синдикатите и имавме застој во економско-социјалниот совет“ – Марјан Ристески, КСОМ

„За жал, досега не успеавме да го пробиеме тој цензус на репрезентативност. Среќен сум што се донесе еден ваков акт“ - Слободан Антовски, УНАСМ

„Во изминатите години секогаш имало консензус да се намали прагот на репрезентативност, по барање на помалите синдикати“- Благоја Ралповски, КСС

На состанокот бил поканет и Сојузот на синдикати на Македонија, но нивното столче остана празно. Првиот човек Трендафилов вели сите важни прашања за работниците се дискутираат на економско-социјалниот совет, а не во Парламентот.

„Половина од колегите кои биле на состанокот не ни разбрале дека не се однесува за нив изменувањето на законот за работни односи, имајќи во предвид дека ниту 5% два од трите синдикати кои присуствуваа на состанокот не можат да го исполнат како праг за да добијат репрезентативност на ниво на територија, односно за учествување на економско-социјалниот совет. Важно е тоа што сите учествуваат на ЕСС, меѓутоа веројатно некому му одговара токму синдикатот кој смета дека не треба да има зголемување на минималната плата да добие репрезентативност и на таков начин да нема зголемување ниту на минималецот, ниту на која било останата плата“ – Слободан Трендафилов, ССМ

Трендафилов тврди дека Комисијата за утврдување на репрезентативност веќе ги пребројала членовите на ССМ и тие го исполнуваат и досегашниот законски праг од 10% со над 63 илјади работници. 

Репрезентативноста на синдикатите истече во декември, а последната седница на економско-социјалниот совет се одржа во февруари.