Синдром на „златно дете“: Како родителското фаворизирање остава невидливи лузни

На прв поглед, да се биде „златно дете“ во семејството може да изгледа како привилегија и голема награда. Тоа е дете кое најчесто добива повеќе пофалби, полесно поминува низ проблеми, добива поголема доверба и често ужива во посебниот однос на родителите кои го гледаат со поинакви очи.
Но, семејната психологија одамна укажува дека фаворизирањето, дури и кога е суптилно и несвесно, речиси никогаш не поминува без последици. Браќата и сестрите многу рано ги забележуваат семејните разлики, препознавајќи ги преку начинот на кој родителите зборуваат, времето што му го посветуваат на секое дете, количината на внимание, правилата што важат за едни, а не важат за други, како и преку малите неправедности кои возрасните често ги објаснуваат со зборовите дека децата имаат „различни карактери“ или „различни потреби“.
Истражувањата за односите меѓу браќата и сестрите, спроведени од експертите, покажуваат дека овие врски се меѓу најдолготрајните емоционални односи во животот. Начинот на кој родителите се однесуваат со своите деца може да влијае врз нивното чувство за правда, сопствената вредност, ривалството и односот на моќ во семејството. Феноменот на „златното дете“ не завршува со детството. Последиците можат да продолжат и во зрелоста, преку чувство на огорченост, притисок, семејна оддалеченост или постојано преиспитување на сопствената вредност.
Ваквиот синдром не е официјална психолошка дијагноза, туку популарен израз кој опишува семеен образец во кој едно дете постојано добива привилегиран третман во споредба со своите браќа и сестри. Таквото фаворизирање може да се манифестира на различни начини: преку повеќе трпение од страна на родителите, почести пофалби, поголема заштита, поголемо оправдување за грешките или поблаги последици кога ќе направи нешто погрешно.
Психолошките истражувања покажуваат дека синдромот „златно дете“ е вистински феномен и дека дури и самото чувство дека едно дете е помалку вреднувано може да има влијание врз неговата емоционална состојба и врз односите меѓу браќата и сестрите.Според направените испитувања, децата кои се чувствуваат запоставено или помалку фаворизирано може да имаат поголеми тешкотии со адаптирањето, но истовремено и „златното дете“ може да носи невидлив товар поради ваквата улога.
Последиците често не се веднаш видливи. Тие можат да растат со чувство дека се невидливи, постојано споредувани или дека никогаш не се доволно добри во очите на своето семејство. Меѓу другото, постојаното споредување со брат или сестра може да создаде чувство дека љубовта и признанието треба да се заслужат. Наместо да се чувствуваат прифатено, некои деца почнуваат да веруваат дека мораат постојано да се докажуваат за да добијат внимание.
Според истражувањата е увидено дека различниот однос со децата предизвикуваат поголема психолошка ранливост, повеќе семејни конфликти и посложени односи меѓу браќата и сестрите, а со тек на годините, овие чувства можат да станат пример на однесување како претерано угодување на другите, избегнување семејни контакти, чувствителност на критика или одбивање, како и верување дека љубовта секогаш мора да се заслужи.
Ваквата улога на „златно дете“, колку и да изгледа волшебна, може да има висока цена. „Миленичето“ на тато и мама може да почувствува огромен притисок да остане успешно, совршено и да ја задржи сликата што семејството ја има за него. Наместо да биде прифатено како личност со своите слабости и грешки, тоа може да почувствува дека вреди само додека ги исполнува очекувањата.
Фаворизирањето понекогаш може да создаде и внатрешен конфликт кај самото дете. Тоа може да чувствува вина кон браќата и сестрите, страв од неуспех или несигурност околу тоа дали е сакано поради тоа што е или поради улогата што ја игра.При тоа, со тек на времето, идентитетот на детето може да се изгради повеќе околу постигнувањата, одобрувањето и очекувањата на другите, отколку околу сопствените желби и автентичност.
Односите меѓу браќата и сестрите се најважните односи во животот. Токму затоа семејните искуства од детството можат да остават длабоки лузни. Тука остануваат заедничките спомени, споредбите и чувствата создадени во детството. Кога едно дете расте со впечаток дека постојано е споредувано со братот или сестрата, семејството може да престане да биде место на сигурност и да почне да личи на простор во кој постојано се мери кој е подобар, поуспешен или повреден. Последиците не се само во детството, туку можат со години да влијаат врз самодовербата, довербата во другите луѓе и начинот на кој личноста создава блиски односи.
„Најздравите семејства не се оние во кои родителите се обидуваат да се однесуваат сите деца на ист начин, туку оние во кои секое дете се чувствува забележано, слушнато и еднакво вреднувано“, наведуваат психолозите.
МИА
Ново на Сител
-

Електричен тротинет да управуваат само полнолетни лица - Владата предлага построги правила
-

Вработени на ЈУ Националан парк „Пелистер“ спасија срнче на планината Баба
-

Синдром на „златно дете“: Како родителското фаворизирање остава невидливи лузни
-

Гутереш: Адаптацијата кон климатските промени мора да биде главен приоритет на владите
-

Кибер-криминалците бараат стотици илјади евра откуп, Германија главна цел во ЕУ
-

ЦУК: Со поддршка од НАТО, започнува модернизација на системот за управување со кризи
-

Кривични против сопствениците и управителите на две фирми, незаконски се стекнале со над 50 милиони денари
-

ЕУ до 2029 година ќе го воведе дигиталното евро
