Сител на терен: Даночни инспектори ги тресат Камените Кукли, овој пат со полициска придружба
Камените кукли – природна реткост која требаше да биде туристичка атракција, периодов се претворија во место на спор, контроли и институционални постапки.
Откако во јавноста излегоа сведоштва за наплата на влезници, спорно управување со просторот и наводни притисоци врз посетители, надлежните институции започнаа проверки дали биле прекршени законите.
Приказната за наплата на паркинг и влез на локалитетот стана јавна откако еден посетител објави снимка на која се гледа моментот кога од него се бараат пари.
Посетители тврдат дека за паркинг им биле наплаќани по 300 денари, а за влез на локалитетот од 10 до 20 евра. Лицата кои управуваат со просторот, пак, се повикуваат на тоа дека станува збор за приватен имот.
Прашањето кое останува е – дали и под кои услови може да се ограничува пристапот до природно богатство кое со години е туристичка атракција.
Екипата на Сител тргна на терен за да ја провери приказната.
До Камените кукли денеска дојдовме за да ја провериме приказната која деновиве ја следи целата јавност. Наместо мирен туристички локалитет, не пречека спорна ситуација.
Откако се претставивме како медиумска екипа, Стојна Димитровска ни посочи дека снимањето не е дозволено, дека просторот е приватен имот и побара да го напуштиме местото.
Но, набргу пристигнаа инспектори од Управата за јавни приходи и полициска екипа, кои извршија надзор на работењето на објектот. Инспекторите ни посочија дека медиумската екипа може да продолжи со својата работа.
Ова беше втор надзор на УЈП на локалитетот. Претходниот пат, според информациите од институциите, инспекторите се соочиле со инцидент при кој биле спречени во извршување на службеното дејствие.
41-годишен британски државјанин, кој според информациите е партнер на Стојна Димитровска, заврши во притвор. Според Обвинителството, тој е осомничен дека ги спречувал даночните инспектори при контролата и фрлал камења кон нив, по што инспекторите морале да се повлечат.
Од УЈП го осудија нападот врз нивните службени лица и порачаа дека контролите ќе продолжат.
Многу посетители со години доаѓаат да се восхитуваат на Камените кукли, а дел од нив велат дека плаќале за да влезат на локалитетот. Локалните жители бараат институциите да преземат мерки и да стави крај на, како што велат, забуната околу пристапот и наплатата.
За случајот веќе постапуваат надлежните институции. За локалитетот се водат постапки поврзани со начинот на управување со просторот и правото на користење.
Од Општина Кратово информираат дека имаат поднесено тужба, а донесена е и првостепена судска одлука со која се наложува ослободување на просторот, отстранување на поставениот објект и предавање на објектот на надлежната институција. Одлуката е обжалена и предметот се наоѓа пред второстепениот суд.
Од Општината велат дека по правосилноста на одлуката очекуваат нејзино спроведување со поддршка од надлежните институции, вклучително и МВР.
Случајот, според податоците на СВР Куманово, не е нов. За локалитетот имало пријави поврзани со узурпација на недвижност, а против две лица и здружението „Извор“ бил поднесен обвинителен акт за ова кривично дело. Има и постапки за закани кон туристи, како и нови пријави поврзани со спречување службени лица во извршување на нивната работа.
Сител го контактираше и претседателот на здружението „Извор“, кој ни одговори дека денеска не е во можност да даде изјава.
-
Габриела Лескова
Сите содржини од овој новинар
