Македонија
27. February 2022 - 16:36

Скринингот потврди дека наставата со физичко присуство е безбедна за учениците

Дали 18-те асимптоматски случаи од над 2.200 тестирани во скринингот низ дел од скопските училишта значи дека наставата со физичко присуство е безбедна? ИЈЗ треба да направи анализа која ќе ја разгледуваат членовите на Комисијата за заразни болести на состанокот во вторник. Епидемиолозите прават проценка дали во одредени образовни установи има повеќе позитивни тестови или пак застапеноста е рамномерна.

-Во основа би требало да значи дека нема широка трансмисија помеѓу учениците додека се со физичко присуство на настава, барем во овој дел од пандемијата, знаеме дека се наоѓаме во надолна крива и тоа е добро, меѓутоа да почекаме што ке покажат анализите од ИЈЗ за безбедноста во училиштата со физичко присуство, вели др. Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисија за заразни болести.

Кога Комисијата за заразни болести го најави скринингот, препорача и тестирање на контакти со позитивен ученик, за да може да останат на настава доколку тестот е негативен. Но за оваа мерка треба да се изјасни Министерството за здравство, односно, дали ова веќе е применето и кај контактите со 18те позитивни случаи откриени во скопските училишта. Иако беше најавено, брисеви не им земаа и на основци од образовни установи во внатрешноста.

-Тоа е секако наменето до министерството за здравство, како е правена методологијата и репрезентативниот примерок, сепак, од оние податоци што ги имавме најголем број заразени ученици во пикот имаше токму од скопските училишта, вели др. Мехмедовиќ.

 И додека Комисијата го чека извештајот од скринингот, во болниците има се помалку деца од училишта кои бараат помош поради омикрон. Во болницата во Козле веќе нема наплив како во време на пикот.

-Од хоспитализираните околу 70 проценти се мали деца од 0 до 3 години и само 30 проценти се училишни од 6 до 14 години, 14 години ни е најстариот пациент сега во болницата, вели др. Бесник Зеќири директор на болницата во Козле.

  Според податоците од ИЈЗ, од почетокот на пандемијата досега ковид бил регистриран кај 7.049 деца од 0 до 9 години и 19.000 кај возрасната група од 10 до 19.