Случајот во ОУ “Киро Глигоров” е повик за помош да им се помогне на децата кои предизвикуваат заплашување и инциденти
Колку изјавата на мајката дека по грешка го ставила ножот во ранецот на четвртоодделенецот од основното училиште Киро Глигоров и притоа предизвика страв и паника кај децата и кај родителите, е доволна за овој случај да биде затворен? Државниот просветен инспекторат констатирал дека образовната установа постапила согласно протоколите и биле известени сите служби кои имаат ингеренции. Но, од друга страна, и во писмото на родителите чии деца учат во Киро Глигоров и со изјава на директорката се потврдува дека со истиот ученик стручни служби работат уште од прво одделение бидејќи имало отстапки и побарале од семејството да донесат проценка, која уште не ја добиле. Според психолозите не треба да се прави криминална истрага за инцидентот, но и не смее да се заврши само со изјавата на родителот.
-Јас ја разбирам мајката, сите ние како родители сакаме да ги заштитимие своите деца од казни, од реперкусии. Но после тоа треба разговор на тоа дете со стручни служби, психолошко советување, педагог, класен раководител со кои ќе разговараат што едно вакво заштитничко однесување може да му донесе на детето, вели Мирјана Јовановска, психолог.
Јовановска вели дека еден психолог или еден педагог во училиште од 1000 ученици е многу малку. Но може да се побара помош и преку разговори и едукации да им се помогне на децата емоционално да сосзреат и да научат како да ги решаваат проблемите цивилизирано а не со ножички или пак други опасни предмети. А случајот со четвртооделенецот од Киро Глигоров е доволен аларм да се сменат работите во правилна насока.
-Тоа покажува дека е повик за помош, да им помогнеме на децата кои предизвикуваат нереди, бидејќи не е доволно сдамо да ги запишуваме, да ги казнуваме или да ги преместиме во друго училиште затоа што со вакво однесување добиваме еден ток истото тоа постојано и постојано да се повторува. Мислам дека во државата постојат доволно стручни служби кои можат да работат на тоа, вели Јовановска.
Случајот во Киро Глигоров не е изолиран инцидент. Постојано слушаме за тепачки и меѓуврсничко насилство во училишта или надвор од нив. Дел ги пријавуваат, дел остануваат под тепих. Пред една година во полицискиот билтен во еден ден имало дури три пријави за училишно насилство, што значи дека алармот одамна е вклучен.
-
Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
