Со изведување материјални докази продолжува судењето против 13 полицајци за пожарот во „Пулс“

Со изведување на материјални докази денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжи судскиот процес против 13 полициски службеници, кои се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот во кочанската дискотека „Пулс“, во Кочани, во кој на 16 март 2025 година загинаа 63 лица, а 223 беа повредени.
Пред Судот беше изведен писмен извештај од Институтот за судска медицина за извршена обдукција на жртвите во пожарот во дискотеката "Пулс" во Кочани на 16 март 2025 година. Ова е истиот извештај што веќе беше презентиран на главниот предмет за пожарот што се води во судницата во Идризово.
Според извештајот смртта на сите 59 жртви е насилна и во најголем дел настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.
Кај дел од жртвите, обдукциското мислење, исто така, констатира насилна смрт, но која настапила од задушување од притисок врз градниот кош или како резултат на недостиг на воздух и кислород во околната средина. Четири лица се починати во болница.
Обвинителството презентираше и медицинска документација и податоци за повредените кои се јавиле за укажување на медицинска помош по пожарот - вештачења за 157 лица со тешки телесни повреди, како и оштетени кои се здобиле со телесни повреди.
На почетокот на минатото рочиште сите 13 обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни и дека сториле сѐ што можеле.
Случајот го води судијката Фанка Јанчулева-Михаиловска, а застапник на обвинението е Спасенка Андонова од ОЈОГОКК.
Обвинителката Спасенка Андонова во воведното излагање наведе дека Обвинителството спровело обемна истражна постапка и обезбедило многубројни материјални и вербални докази.
- Содржината на обезбедените докази е преточена во диспозитивниот дел на обвинението во кој е даден опис на дејствата на обвинетите, односно начинот на кој постапувале критичниот период што им се става на товар од 14 до 16 март 2025 и кои дејства како такви несомнено надоврзани едно на друго резултирале со сериозни последици за животот и телото на граѓани - рече обвинителката.
Обвинителството тврди дека полициските службеници што биле во „Пулс“ не презеле мерки за спречување на употребата на пиротехничките средства, иако можеле да ги забележат на сцената.
Според одбраната, полициските службеници на критичниот ден биле неколку минути присутни во кабарето и почнале да работат по обврските наведени во планот за акциска контрола и не знаеле и не можеле да знаат дека воопшто ќе се користат пиротехнички средства, кои ќе предизвикаат пожар.
Во случајот обвинети се Дејан Салтировски, Ванчо Ѓорѓиевски, Марија Маневска, Томо Донев, Драган Петрушев, Кире Богатинов, Стојанче Филипов, Благица Митева, Кристина Николова, Мазлу Рамаданов, Дарко Милошевски, Мартин Арсовски и Марјан Радевски.
Сите 13 полициски службеници се товарат за тешки дела против општата сигурност, поврзани со пожарот што се случи на 16 март 2025 година во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
МИА
Ново на Сител
-

Што нуди новиот нон-пејпер за Македонија?
-

Рокас: Обврските од 2022 мора да се исполнат
-

Обвинителството со видео-докази: Полицијата пристигнала 10 минути пред пожарот во „Пулс“
-

СДСМ: Ако има докази, зошто случајот „Мазут“ е стопиран?
-

Договорци од Детската клиника си ги бараат застанатите плати зошто 5 месеци не добиле ниту денар
-

Со 40 нови камиони и 2.600 контејнери ќе се решава проблемот со ѓубрето во Скопје
-

На бизнисот потребен му е стручен кадар, со знаења и вештини, не само дипломи
-

Анализа: Како да се намали бројот на кучиња скитници?
