Македонија
11. October 2022 - 12:31

Собирачите и откупувачите на печурки очекуваат добра заработувачка оваа сезона

Рекордна сезона за печуркарите од Пијанец. Собирачите и откупувачите „трлаат раце“ во очекување на добра заработувачка. Најголемиот дел од откупените печурки ќе отидат за извоз, односно на западно европскиот пазар. 

-Ние во Делчево сме повеќе откупувачи и мислам дека околу 60 до 70 тони свежа печурка имаме откупено во нашиот регион и преработено имаме сува роба, секој од нас по 1 до 2 тони- изјави Трајчо Гоцевски, откупувач на печурки.

Покрај со квантитетот, откупувачите се задоволни и со квалитетот на наделеку познатите пијанечки печурки. Освен вообичаените видови, јајчарка, лисичарка и вргањ, се појавиле и по раритетни видови.

-Сега моментално има една печурка која е доста распространета во нашиот регион, тоа е „рујница“ и една друга печурка која е малку позната во нашиот крај, а се вика „црна труба“. Тие се едни од поквалитетните печурки и на луѓето им препорачуваме да ја собираат за да имаат добра заработувачка- изјави Гоцевски

Богатиот род од печурки според познавачите се должи на добрите климатски услови, односно, дожд па сонце, во еден подолг временски интервал од вообичаеното.

-Продолжена беше годинава сезоната и траеше околу 20-тина денови, една од најдобрите години во изминатите 10 до 15 години- додаде Гоцевски

Годинава беше пронајдена и најголемата печурка во Пијанец со тежина од 1,7 килограми.