Македонија
18. March 2026 - 16:38

Собрание избра: Ненад Савески е нов државен обвинител

Судијата од скопскиот Кривичен суд, Ненад Савески, е нов државен обвинител. Собранието денеска со 66 гласови „за“, обезбедени од владејачкото мнозинство, 8 воздржани и 2 против, го потврди владиниот предлог токму тој да стане прв човек на Обвинителството. За Владата, Савески има импресивна професионална биографија како гаранција дека ќе донесе правда.

Пратениците од владејачкото мнозинство велат дека даваат поддршка, но таа не е бланко, туку Савески веднаш треба да поработи на, како што велат, „заробеното обвинителство“ од претходната гарнитура на СДСМ и ДУИ.

Од СДСМ, иако немаат забелешки за биографијата на Савески, стравуваат дека тој ќе биде партиски обвинител на власта.

Пратеничката група на СДСМ остана поделена при гласањето – дел воопшто не гласаа, а осуммина гласаа воздржано.

Без гласање по предлогот беа и пратениците од Европскиот фронт.

Единствено против гласаа двајцата пратеници од крилото на Таравари во Алијанса за Албанците – Халил Снопче и Ријад Шаќири. Левица не учествуваше во дебатата, ниту гласаше по предлогот за обвинител.

Савески на функцијата стапува од утре, кога е планирано и да даде свечена заклетва. За МИА вели дека првото што ќе се обиде да го направи во Обвинителството е дигитализација, како алатка со која ќе се стави крај на чувањето предмети „во фиока“.

„Она што сакам да го направам е да гарантирам радикална отчетност и транспарентност, дигитализација, како и услови за работа за еден обвинител непречено да ја врши својата работа на ефикасен и достоинствен начин. Меѓу другото, често се коментира и обезбедувањето финансиски средства. Иако акцентот се става на платите, тие не се најголемиот проблем, туку условите за работа. Не може со сиромашна институција да се борите против богат криминал“, коментира Савески.

Сепак, новиот обвинител не открива кои предмети прво би ги ревидирал – дали случајот со Лотарија и Артан Груби, тендерските злоупотреби или бонусите на СЈО.

„Не би издвојувал, затоа што не сакам да оставам впечаток дека имам тенденција да водам селективна правда. Секој предмет ќе се работи во согласност со законот, роковите и принципите на работа“, одговара тој.

Савески стана владин предлог во конкуренција на четворица кандидати кои се пријавија на собранискиот оглас. Својата професионална кариера ја започнува во Гостиварскиот суд, а во 2009 година станува обвинител. Од 2016 година е избран за судија во скопскиот Кривичен суд, каде работи на предмети од областа на организираниот криминал и корупцијата.

Во изминатите години е дел од експертски групи за законски измени во кривичното право, соработува со експерти на ОБСЕ, а е и предавач на Академијата за судии и јавни обвинители.