Собранието на Косово усвои резолуција за осуда на „терористичкиот напад од Република Србија“
Пратениците на Собранието на Косово усвоија денеска резолуција со која се осудува нападот од 24 септември во Бањска кај Звечане, каде што беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а беа повредени уште тројца полицајци, јави дописникот на МИА од Приштина.
Резолуцијата, со која се осудува, како што се вели во неа, „терористичкиот напад организиран од Република Србија против државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Република Косово“, беше изгласана со 97 гласови „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“.
По координацијата меѓу позицијата и опозицијата, текстот на резолуцијата го презентира претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца.
Со неа, меѓу другото, се бара меѓународниот фактор да ја соочи Србија со нејзината улога во однос на организацијата на нападот врз косовската полиција и поддршката што ја даде на оваа група.
„Собранието на Република Косово најостро го осудува терористичкиот напад организиран од Република Србија врз косовската полиција на 24 септември 2023 година, како и бара меѓународниот фактор да го изврши своето влијание со цел Србија да се соочи со нејзината улога во однос на организацијата и сестраната поддршка што ѝ ја пружи на терористичката група за нападот на северот на Република Косово“, се вели во резолуцијата.
На косовската полиција ѝ се изразува поддршка за извршување на нејзините задачи на целата територија на Косово.
„(Собранието) ја цени работата, посветеноста и извонредните резултати на безбедносните институции на Република Косово и меѓународните партнерски институции за безбедност (Еулекс и КФОР), во заедничката акција за одвраќање и уништување на терористичките напади организирани од Србија на северот на земјата, се вели, меѓу другото“, во резолуцијата.
Од Владата на Косово се бара да работи со меѓународните сојузници, а се нагласува и потребата од „меѓународна истрага против Србија во врска со организацијата на терористички активности“.
Резолуција, исто така, ја нагласува потребата од политички плурализам кај српската заедница во Косово, „чиј развој овозможува демократски напредок и ја зголемува транспарентноста и отчетноста кон оваа заедница и ја заживува промоцијата на нејзините вистински интереси во Република Косово“.
Ново на Сител
-

Миланов и Серафимовски во Србија: Зајакнување на соработката и олеснување на прометот на животни и производи меѓу двете земји
-

Израелски воздушни напади врз јужен Либан, серија експлозии во повеќе градови
-

Пратениците се враќаат на работа по августовскиот одмор, првата седница закажана за 2 септември
-

Претседателката Сиљановска-Давкова ќе присуствува на свеченото отворање на 20. Медитерански игри во Италија
-

ЕУ и Македонија во летна слатка трка: Кој повеќе произведува, а кој повеќе троши сладолед
-

ЦУК: Пет активни пожари, два под контрола
-

Таранто 2026: Четврто учество на македонските спортисти на Медитерански игри
-

Ангелов: Изгаснат пожарот во околината на селото Лопатица, граѓаните да бидат особено внимателни поради висок ризик од пожари
