Собранието на Косово усвои резолуција за осуда на „терористичкиот напад од Република Србија“
Пратениците на Собранието на Косово усвоија денеска резолуција со која се осудува нападот од 24 септември во Бањска кај Звечане, каде што беше убиен полицаецот Африм Буњаку, а беа повредени уште тројца полицајци, јави дописникот на МИА од Приштина.
Резолуцијата, со која се осудува, како што се вели во неа, „терористичкиот напад организиран од Република Србија против државниот суверенитет и територијалниот интегритет на Република Косово“, беше изгласана со 97 гласови „за“, ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“.
По координацијата меѓу позицијата и опозицијата, текстот на резолуцијата го презентира претседателот на Собранието, Глаук Коњуфца.
Со неа, меѓу другото, се бара меѓународниот фактор да ја соочи Србија со нејзината улога во однос на организацијата на нападот врз косовската полиција и поддршката што ја даде на оваа група.
„Собранието на Република Косово најостро го осудува терористичкиот напад организиран од Република Србија врз косовската полиција на 24 септември 2023 година, како и бара меѓународниот фактор да го изврши своето влијание со цел Србија да се соочи со нејзината улога во однос на организацијата и сестраната поддршка што ѝ ја пружи на терористичката група за нападот на северот на Република Косово“, се вели во резолуцијата.
На косовската полиција ѝ се изразува поддршка за извршување на нејзините задачи на целата територија на Косово.
„(Собранието) ја цени работата, посветеноста и извонредните резултати на безбедносните институции на Република Косово и меѓународните партнерски институции за безбедност (Еулекс и КФОР), во заедничката акција за одвраќање и уништување на терористичките напади организирани од Србија на северот на земјата, се вели, меѓу другото“, во резолуцијата.
Од Владата на Косово се бара да работи со меѓународните сојузници, а се нагласува и потребата од „меѓународна истрага против Србија во врска со организацијата на терористички активности“.
Резолуција, исто така, ја нагласува потребата од политички плурализам кај српската заедница во Косово, „чиј развој овозможува демократски напредок и ја зголемува транспарентноста и отчетноста кон оваа заедница и ја заживува промоцијата на нејзините вистински интереси во Република Косово“.
Ново на Сител
-

Четири смртни случаи, 36 потврдени и две веројатни случаи на западнонилска треска во државата
-

Јаневска: Рацете на политиката подалеку од образованието
-

Почнаа уписите на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, стандардно најголем интерес на Факултетот за медицински науки
-

Мацинка: Чешка сака да се надмине спорот меѓу Скопје и Софија и подготвена е да помогне
-

Аеродром добива второ основно училиште со целосно организирана едносменска настава
-

До среда сончево и многу топло, над 40 степени
-

НАТО изрази подготвеност да одговори на каква било закана по информациите дека Иран размислува да нападне американски воени цели во Европа
-

Селото Чаниште е безбедно, не постои опасност за трите манастири
