Собранието утре ќе одлучува за интерпелацијата на Коцевски
На еден ден пред гласањето по поднесената интерпелација за републичкиот обвинител Љупчо Коцевски, премиерот не открива како ќе гласа неговата партија и пратеничка група, но дека нема да менуваат ставови. Во февруари владата ја започна постапката за разрешување на Коцевски, но поради трагедијата во Кочани постапката беше прекината.
Премиерот тогаш одговори дека разрешувањето се стопира додека целосно не биде завршена истрагата за пожарот во Кочани.
Опозициската СДСМ во чие време и Коцевски беше избран за прв човек на државното обвинителство, нема да ја поддржат интерпелацијата, потврдија од пратеничката група за Сител.
Од ДУИ не препратија кај нивната пратеничка група, но допрва ќе го граделе ставот. Пратениците утре пред седница ќе го кажеле ставот.
Коцевски ги отфрла наводите во интерпелацијата. Во одговор до јавноста вели дека функцијата ја вршел чесно и одговорно. Ја оцени интерпелацијата како „политички, а не правно заснован инструмент со кој само се овозможува упад во самостојноста на Јавното обвинителство. Ги повика пратениците да ја заштитат институцијата Јавен обвинител и неговата самостојност преку отфрлање на ова барање.
Интерпелацијата за Коцевски поднесена од Левица е ставена како прва точка на собраниската седница. Според нив Коцевски селективно ја водел истрагата за пожарот во Кочани, обвинуваат за политичко влијание во работата на Обвинителството, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство Скопје и непостапување по службена должност за дивоградбите во Скопје.
Коцевски беше избран за нов државен јавен обвинител во февруари 2024 година.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар