Македонија
2. November 2020 - 16:33

Собраниска комисија за односите со Бугарија на барање на опозицијата

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги внесува македонско–бугарските односи во Собранието. Преку Комисијата за надворешни работи која ја предводи Антонио Милошоски ќе се обиде да издејствува заеднички став на македонскиот парламент за осуда на бугарскиот Меморандум и радикални позиции за бугарски корени со кои Софија ги условува нашите преговори со Европската унија за членство.

Милошоски вели дека засега ќе се оди само на дебата, а потоа тоа може да прерасне во Декларација или Резолуција.

Од власта пак, велат нема што македoнските пратеници да расправаат за односите со Бугарија.

„Собранието веќе дискутираше и одлучуваше за Договорот за добрососедство со Бугарија потпишан и на македонски. Разговорите се водат по тој договор. За нашиот идентитетот и македонскиот јазик нема и нема да има преговори. За нас тоа е факт и за тоа не гледаме потреба да дискутира Собранието. Не се израдуваа на членството во НАТО. Сега целта им е да го загрозат нашиот пат кон ЕУ. Ние тоа нема да го дозволиме“, велат од пратеничката група на СДСМ.

Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по јасните ставови на бугарската страна изјавени од министерката за надворешни работи Захариева дека Бугарија ќе даде зелено светло за македонските преговори и ќе го признае македонскиот јазик и идентитет само доколку македонската страна признае бугарски корени.

Претходно и Левица на Апасиев во собранието поднесе Декларација за осуда на бугарските национал-шовинистички претензии со 10 точки во која побара Собранието да го отфрли бугарскиот моморандум и да запре работата на мешовитата македонско-бугарска комисија.