СП 2026: Дешан – Многу сме разочарани

Францускиот селектор Дидие Дешан не го криеше разочарувањето по поразот од Шпанија (0-2) во синоќешното прво полуфинале на Светското фудбалско првенство.
„Очигледно има многу разочарување. Играчите се скршени, имавме големи амбиции. Сепак, мораме да бидеме реални и да признаеме дека на овој натпревар технички бевме чекор подолу против тим кој знаеше што прави. Тоа е првенствено наша вина“, изјави Дешан по полуфиналето во Далас.
Француските фудбалери беа немоќни да му се спротивстават на актуелниот европски првак и речиси безопасни во нападот.
„Главната причина е што бевме под просекот и помалку опасни во нападот отколку што можевме да бидеме. Направивме неколку технички грешки и промашивме додавања што можеа да доведат до ситуации и можности. Колку и да е болно, мораме да го прифатиме тоа, ова е фудбал на највисокото ниво“, рече Дешан.
Франција својот последен натпревар на Светското првенство ќе го одигра в сабота во Мајами во дуелот за третото место против поразениот тим од второто полуфинале меѓу Аргентина и Англија.
„Целосно сум посветен на натпреварот за третото место, ќе го подготвам натпреварот со играчите со цел да направиме сè што можеме за да стигнеме до крај“, порача францускиот селектор.
МИА
Ново на Сител
-

Повторен колапс на електричната мрежа во Куба, третпат во девет дена целиот остров остана без струја
-

Македонија има повеќе болнички кревети на 100 илјади жители од 14 земји во ЕУ
-

Демократите во Сенатот го блокираа предлог-законот за одбраната поради војната со Иран
-

Над 340 украински дронови насочени кон Москва во изминатите 24 часа, интензивни руски напади врз Киев
-

Сиљановска - Давкова: Македонско-француското пријателство е втемелено на меѓусебна почит
-

Инклузивен натпревар во кошарка во колички кај „Авионче“ во Ново Лисиче
-

Седница за опозициски прашања во Собранието
-

Топло време со услови за изолирана појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи
