Македонија
27. April 2026 - 20:36

Спасовски: Законот за двојни државјанства да важи веднаш и за пратениците и за Владата

Пратеникот на СДСМ и координатор на пратеничката група, Оливер Спасовски, во интервјуто за „Тема на денот“ на Сител Телевизија, порача дека законските измени за двојните државјанства мора да важат веднаш и за сите избрани и именувани функционери, се вели во соопштението од СДСМ, што МИА го објавува интергрално. 

„Ние го поддржавме тоа законско решение, меѓутоа рековме дека мора да важи и за овој пратенички состав, од една страна, и второ, поднесовме нов закон по којшто, покрај пратениците и министрите од Владата, ќе мора да докажат дека имаат само едно државјанство, или тој што има повеќе државјанства да не може да биде дел од извршната власт“, истакна Спасовски.

Пратеникот Спасовски потенцираше дека денеска во Собранието пратениците на ВМРО ја утнале и надлежната комисија.

„Па денеска се погрешило која комисија ќе биде, па дали ќе биде таа, па дали ќе биде некоја друга и така натаму. Еве да видиме дали ќе дознаат конечно која комисија е надлежна и слободно да помине во собраниска процедура, додаде Спасвоски.

Тој посочи дека власта демонстрира целосна неконзистентност и менување на ставовите од ден во ден, што дополнително потврдува дека манипулира со јавноста и затоа често ги менува ставовите.

„Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесува ваков закон, премиерот истиот ден вика: ‘Се избрзало, треба да се консултираат одредени правни експерти’. Претседателката вика дека тоа е потребно, па и премиерот потоа вели ‘да, така е’. Така што, знаете, често оваа власт ги менува ставовите. Денеска едно, за два часа нешто поинаку. Мислам дека, тргнувајќи од таков евтин популизам заради лажен патриотизам, доаѓаме до вакви ситуации“, нагласи Спасовски.

Тој го повтори ставот на пратеничката група на СДСМ дека е против укинувањето на техничката влада.

„СДСМ е многу јасна по однос на предлог-законското решение на закон за Влада, а тоа е дека ова законско решение, поточно делот којшто се однесува на таканаречена техничка или преодна влада, е усогласено помеѓу четирите најголеми партии во законодавниот дом, и тоа стои во законскиот текст, сè со цел да се отстранат сите можни сомнежи за нефер и недемократски изборен циклус. И токму од тие причини гарантираа и Европската унија и Соединетите Американски Држави, и само во таков формат на договор помеѓу политичките партии тоа може да биде укинато. Првично кога се донесе законот за таканаречена пржинска влада со договорот од Пржино, тие одредби важеа само за изборите 2016 година. Во 2018 година, на барање на Христијан Мицкоски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, се стави одредба во којашто одредбите за преодна влада ќе важат сè до влезот на Македонија во Европската унија. Сега, денеска, одеднаш, тој став не важи на ВМРО-ДПМНЕ и брзаат сосема набрзина, без никаква комуникација, без никаква посебна аргументација и дебата“ рече Спасовски.

МИА

Ново на Сител