Специјална Олимпијада: Историски успех на нашите атлети во Малта
Под боите на македонското знаме пливачите Матеј Аларов, Јулијана Петровска, Стефан Трпковски и Јана Кацарска се закитија со златен, сребрен и бронзен медал на Европското првенство во Малта. За овие атлети секоја трка е двојна победа.
Матеј освои злато на 50 метри слободно и бронза во штафета. Јуле сребро и две бронзи, додека Стефан и Јана со бронзени медали сите во различни дисциплини. Со малку зборови но со премногу емоција и радост ни раскажаа како го доживеале својот голем успех во Малта.
Малкумина знаат со какви предизвици се соочиле за да дојдат до победничиот трон. Се бореле и со конкуренцијата, но и против системот кој ги занемарува. Наместо фокусот да биде исклучиво на спортските резултати, најголемиот предизвик за тренерите почнува уште пред да се влезе во вода. Тешко наоѓаат термини во базените па често патуваат и до други градови за да одржуваат кондиција, а финансирањето за учествата на првенства го обзбедуваат сами со помош на донации и спонзорства.
Освен личните успеси, атлетите се стремат еден ден да застанат и тие во улога на тренери и да пренесат од своето искуство на идни генерации, таков пример е Јуле која веќе 6 години напорно тренира и веќе е назначена за заменик на главниот спортски водич.
Овие талентирани атлети по успехот во Малта сега се уште помотивирани и нивниот следен предизвик се Светските игри на Специјалната олимпијада 2027 во Чиле. За да го развиорат македонското знаме на олимпијадата ќе им биде потребна институционална но и финансиска помош и поддршка.
Во меѓувреме се уште водат преговори да добијат можност за тренинзи во новиот базен Партизан во скопски Карпош.
И покрај сите препреки нивниот успех е доказ за нескршливиот дух и потенцијал што го поседуваат лицата со интелектуална попреченост. Не само пливачи, овие таленти освојуваат медали и успеси и во повеќе други летни и зимски дисциплини.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
