Спречен обид за подметнување пожар на Водно, гори на шест локации во Македонија
Шест активни пожари беснеат низ Македонија. Најкритично е на планината Готен, но околните села не се загрозени, вели првиот човек на ДЗС. Од рано утрово дејствува еден полициски хеликоптер, ангажирани се повеќе од 150 луѓе.
„Најтешкиот најспецифичен е пожарот кој со денови се одвива на планината Готен, на тромеѓието помеѓу општините Василево, Берово и Радовиш. Овој пожар создава одредена вознемиреност помеѓу населението, но категорично тврдам дека не може да загрози ниту едно село. Од страна на Радовиш пожарот полека се спушта, се движи споро, зависи од насоката на ветерот. Поради тешко пристапниот терен, нашиот фокус е ставен на пресретнување на овој пожар на шумските патишта кои се протегаат на оваа планина“ – Стојанче Ангелов, директор на ДЗС
Во меѓувреме, полицијата спречила обид за подметнување пожар на Водно. Како што информираа од МВР, скопјанец додека се движел на патеката кон Средно Водно во Скопје забележал дрвен отпад од мебел и хартиени ќеси покриени со гранки подготвени за потпалување.
Според податоците на МВР, за пожари на отворен простор од први април до 24 јули приведени се вкупно 27 лица, а поднесени се 19 кривични пријави.
„Во насока на рана превенција од пожари, полициските служби употребуваат дронови за мониторирање на шумските појаси на територијата на државата. Со воведувањето на овие оперативни мерки зголемена е ефикасноста во делот на раното предупредување и лоцирање на евентуалните пожари, како и детектирањето на можните причини или причинители на истите“, велат од МВР.
Откако е воведена забрана за движење во шуми, пак, без писмено одобрение, полицијата затекнала 18 лица.
Опозицијата и денеска ја критикува власта дека лошо се справува со пожарите. Лани Мицкоски ветуваше модернизација на системот за противпожарна заштита, а денес гледаме целосна деградација на тој систем, вели потпретседателот на СДСМ, Илиевски.
„Наместо вработување на пожарникари, владата на Мицкоски составува списоци во штабовите на ВМРО-ДПМНЕ за вработување во државните институции. Каков е тој патриотизам ако за една година со прст не си мрднал да ја одбраниш државата од огнената стихија во која изгореа околу 20% од шумите и пасиштата? Каков е тој патриотизам кога во две години во пожари животот го загубија 70 луѓе? Не е патриотизам да ги оставиш луѓето сами да се справуваат со пожарите. Тоа е предавство“ - Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ
Од ВМРО-ДПМНЕ вратија - борбата со пламените јазици продолжува со сите материјални и човечки ресурси, службите и пожарникарите се постојано на терен и даваат натчовечки напор за да спасат што е можно поголеми површини.
„Кога СДС вика дека државата нема соодветна опрема за справување со пожарите, тоа е всушност нивно признавање дека за седум години власт оставија пустош зад себе и не вложиле во нова опрема, како ни противпожарните единици, така ни во други витални институции.Тоа што СДС уништи и остави пустош по институциите, не може да се среди за една година“, стои меѓудругото во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар