Средба Николоски-Караџов: Брзо да се финализира договорот за изградба на железнички тунел
Македонија и Бугарија се согласија брзо да го финализираат Договорот за изградба на прекуграничен железнички тунел меѓу двете земји. По речиси цела година обиди да се случи официјална средба, министер за транспорт Александар Николоски оствари средба со неговиот бугарски колега Гроздан Караџов, на маргините на форум во Турција. Двете страни се согласиле дека неопходна е изградба и модернизација на европските транспортни коридори, особено на железничкиот и патниот коридор 8.
Потенцирајќи го прашањето за железничкото поврзување меѓу двете земји, двајцата соговорници нагласија дека овој проект има регионална димензија, каде покрај економското значење, се наметнува и прашањето за стратешкото позиционирање на НАТО Алијансата преку поврзување на Јадранското и Црното море, велат од македонското Министерство за транспорт.
На средбата со Николовски, бугарскиот министер Караџов потенцирал дека процедурите се при крај и оптимистички најавил дека до крајот на 2028-ма бугарски воз ќе пристигнел на преминот Деве Баир.
„Бугарија активно работи на имплементација на Коридорот 8. До крајот на јули ќе го објавиме договорот за изградба на последните 2,4 км од железничката линија помеѓу Ѓуешево и „Деве Баир“ на границата со Република Северна Македонија.Сите процедури се завршени, а финансирањето од 69 милиони евра е обезбедено во рамките на Програмата за транспортна поврзаност 2021-2027. До крајот на 2028 година, бугарскиот воз ќе пристигне во Девебаир, порачал Караџов.
На нова средба која ја договориле двајцата министри ќе биде усогласен текстот на Договорот со кој ќе се постигне согласност за изградба на заедничкиот тунел. Дополнително, ќе испратат експерти и на состанокот за Коридор 8 што го организира Европската Комисија следниот месец.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска и утре учествува на Форум за министри за транспорт што се одржува во Истанбул.
-
Ивана Соколовиќ Најдова
Сите содржини од овој новинар